M6 Едукативниот центар и швајцарскиот проект „Образование за вработување – Е4Е“ на 20 септември 2023 година, на настан во Кавадарци, го најавија партнерството со кое приватниот сектор ќе се ангажира за развој на кадарот во државата. Ваквата соработка ја рефлектира заедничката заложба за развој на иновации, одржлив развој, како и економски и социјален просперитет на земјата.
M6 Едукативниот центар беше препознаен како лидер на трансформација на општеството, пред се, поради силната бизнис мрежа која ја има креирано. Во с’ржта на ова партнерство, како што посочи Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативниот центар; се наоѓаат тренинг програмите за средно ниво на менаџмент. Истите се развиени врз основа на идентификуваните потреби на пазарот на труд, а истовремено соодветствуваат на актуелните барања на компаниите.
Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, изјави дека денешниот настан е доказ дека македонските компании се спремни заеднички да креираат, насочат и финансираат иницијативи за развој на вештини, кои понатаму ќе донесат придобивки за приватниот сектор и вклучените кадри. „Се надеваме дека ова е само почеток, како и дека други компании ќе бидат инспирирани да се придружат во иницијативата или да се вклучат во други иницијативи кои ќе влијаат врз нивната компанија, но и пошироко“, заклучи таа.
Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на ВВ Тиквеш, говореше за важноста од вложувањата во ново знаење, вештините на вработените на сите нивоа и во технолошки иновации и дигитализација. „Свесни за своето значење и својата општествено одговорна улога, спремни сме да го споделуваме нашето знаење со кооперантите и со останатите компании. Единствено со заедничкото делување можеме да го пребродиме непознатото“, изјави тој.
Според Митко Јанчев, градоначалник на општина Кавадарци, општината веќе вложува напори да се усогласат потребите на компаниите со локалните политики, со посебен акцент на квалитетот на образованието, но и дека ваквите проекти служат за подигнување на свеста кај компаниите за нивната одговорност. Во улога на сопственик на „Кожувчанка“, најави дека компанијата ќе се приклучи кон ова партнерство во надеж да фати чекор со промените.
Горан Митрески, генерален директор на Кабтел, посочи дека дигитализацијата, едукацијата и справувањето со корупција се клучните елементи за да се зголеми конкурентноста на македонските компании и работната сила. Според него, главната придобивка од ИКТ индустријата лежи во нејзиното вклучување во различните општествени сектори каде ќе донесе брзи и ефективни промени, а едно вакво партнерство меѓу компании од различни индустрии е плодно тло за размена на знаења.
Во реализацијата на овој проект, своите ресурси и експертиза ќе ги стават на располагање компаниите: Алкалоид, ВВ Тиквеш, Триглав осигурување, НЛБ Банка, Аутомакедонија, Витаминка, Кроација Осигурување – Живот, Кроација осигурување – Неживот, ЕОС Матрикс, Кабтел, Дуна, АМСМ, Кромберг и Шуберт, Раде Кончар – контактори и релеи, AM Церт, Брокер AM, Нептун, како и според последната најава, Кожувчанка. Оваа активност е ко-финансирана од М6 Едукативниот центар и Владата на Швајцарија преку швајцарскиот проект „Образование за вработување“ – Е4Е@MK спроведуван од Хелветас.