Горан Јаковлевски: Виното од малите македонски винарии ќе го освојува балканскиот пазар!

- Advertisement -

Малите семејни винарии веќе три години ја градат винската слика за нашата држава, рамо до рамо со големите комерцијални производители. Речиси веќе и да нема туристичка тура која не предвидува посета на винарија и дегустација на локални вина и храна. Малите производители се всушност големи мајстори на занаетот, а потврда за тоа се бројните награди кои ги освоија нивните производи во изминатите години, на домашни и меѓународни саеми.

Горан Јаковлевски, претседателот на здружението Македонски семејни винарии и и самиот производител на вино, во интервју за Иновативност вели дека деновиве, во ек е гроздоберот и подготовката за новата сезона. Очекувањата секога година се се повисоки, бидејќи расте и бројот на регистрирани мали винарии, како и квалитетот и количините на произведеното вино. Плановите за иднината се големи, а еден од најзначајните е извозот на странските пазари и давање можност овие врвни вина да ги пробаат што поголем број купувачи.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Горан, пред три години започна регистрацијата на малите семејни винарии. Колкав е бројот денес, има ли се уште интерес?

- Advertisement -

Официјално, со измените на Законот за вино во 2020 година, започна и процесот на регистрација на малите семејни винарии. Таа бројка во континуитет се зголемува секоја година. Денес, во нашето здружение Македонски семејни винарии членуваат 80 мали винарии од цела држава. Сето тоа се должи на поедноставената процедура за регистрирање, но и финаниската поддршка од Министерството за земјоделие во вид на грантови за набавка на опрема, но и ИПАРД програмите за развој на винарството.

Секако, се должи и на големата традиција и историја на производство на вино во многу семејства, не само во краевите кои традиционално се сметаат за винарски, како што е Тиквешијата, туку и во другите делови од земјата. Денес, во нашето здружение членуваат семејни винарии од целата земја, кои имаат една заедничка страст, да произведат одлично вино и да раскажат уникатна приказна.

- Advertisement -
Винарија Ерос

Според податоците од Меѓународната организација за вино од Париз, Македонија е на 22 место во светот по производство на вино. Која е улогата на малите семејни винарии во ова достигнување?

Сметаме дека придонесот на семејните винарии, и квантитативно и квалитативно, е многу значаен за македонскиот вински пазар. Во минатото кога не бевме регистрирани, а произведувавме, таа количина не влегуваше во официјалната статистика на произведено вино. Денес и ние сме дел од официјалните статистички податоци и сето вино произведено од семејните винарии е дел од овие бројки.

Што е тоа што ги одвојува малите винарии од големите комерцијални производители?

Најголем дел од малите винарии произведуваат вино од сопствено грозје, а некои од нив и од органско. Тоа значи дека квалитетот што се добива на кај од процесот почнува со вниманието кое се посветува на земјата, на лозата, на негата… Кај повеќето од семејствата оваа традиција се негува со генерации, се пренесува од колено на колено и се гради и како приказна, а сега и како бизнис. Производството на вино е дејност во кој учествува целото домаќинство, а при тоа се вложува многу љубов, енергија и се води сметка да се зачува традиционалниот начин на производство.

Секоја фамилија има свои мали тајни и по тоа се разликуваме едни од други. Виното од малите винарии секогаш има своја уникатна приказна која може да се раскаже на секој посетител, во нив се вплетени многу историја и многу желби за иднина.

Винарија Максимилијан

Има ли некои сорти грозје кои биле заборавени, а сега се вратија во производство? Има ли некои специфични вина кои не можат да се најдат кај комерцијалните производители?

Ние како мали производители ставаме акцент на производство на вино од единствената автохтона македонска сорта Станушина. Поголем дел од нас произведуваат вино од оваа сорта, а за да ја заштитиме и промовираме две години по ред го одбележуваме и Денот на Станушината, на 7 Мај. Исто така Станушината ја промовираме и на настани надвор од државата. Интересно е што единствено ние малите производители ја негуваме оваа сорта на грозје.

Какви се можностите за извоз на вино кое е произведено во семејна винарија, какви се шансите за пробив на светските пазари?

Главно нашите вина се продаваат на македонскиот пазар, меѓутоа учествуваме на голем број интернационални вински настани како Slow Wine во Болоња, Опен Балкан во Белград, потоа во Словенија, итн. Секаде каде што сме учествувале винската публика била воодушевена од квалитетот на нашите вина. За тоа зборуваат и голем број на награди освоени на најголемите вински настани во Европа како Интернационалниот Балкански фестивал и натпревар за вино, потоа Мундус вини, Декантер и други.

Заради тоа и постои голем интерес за извоз на овие пазари, да се прошират можностите за нашите производители, но и за да можат што повеќе купувачи полесно да дојдат и да уживаат во нашите вина. Така, нашите идни чекори и планови се во таа насока, да почнеме со извоз и да нè има на овие пазари.

Има ли добри услови за развој на лозарството во земјава?

Природни услови за развој на лозарството во Македонија постоеле од секогаш, односно сметам дека има идеални услови. Тоа значи не само инвестиции во лозовите насади, туку и во мали современи винарии со сали за дегустација на вино и сместувачки капацитети. Изминатите години ни покажаа дека постои голем интерес кај странските туристи кои ја посетуваат државата да дегустираат вино и локална храна, да се запознаат со традицијата и да заради тоа многу често се присутни во нашите винарии. Тој тренд треба да продолжи да се развива и секако и да се проширува со нови интересни содржини.

Ние, иднината на развојот на лозарството ја гледаме заедно со развојот на винскиот туризам.

Минатиот месец Министерството за земјоделство додели грантови за поддршка за мали дестилерии. Има ли интерес кај производителите за ваков тип на дејност?

Точно, за прв пат се воведоа грантови за дестилерии и беа доделени на 12 семејни дестилерии. За жал бројката е помала од семејните винарии меѓутоа се надеваме дека во иднина таа ќе се зголеми. Во Тиквешијата, но и пошироко, има голема традиција за производство на ракија од грозје, а во другите делови од државата и за производство на ракија од други видови овошја.

Како влијаеше отворањето на семејните винарии на зголемувањето на винската култура кај нас?

Интензивно работиме на тоа поле и се трудиме да ја шириме винската култура на најразлични начини. Организираме различни настани, промоции, вински манифестации, разни типови на дегустации… Сето тоа мислам дека придонесува во последните години винската култура да се искачи на многу повисоко ниво. И количината на испиено вино по глава на жител е поголема.

Кои се вашите идеи за во иднина? Што е потребно за да бидете поконкурентни на пазарите?

Нашата цел е винската публика подобро да ги запознае нашите производи. Сметаме дека тоа ќе се постигне со поголем маркетинг и промоција на квалитетот на производите. Потребна е добра стратегија и за привлекување на транзит туристите кои поминуваат преку нашата држава, да се запознаат со винската мапа и да им се отвори можност на патувањето да застанат и да уживаат во виното и храната.

Исто така посакуваме многу поголема промоција и надвор од државата. Од неодамна како Здружение станавме социјално-економски партнери на Министерството за земјоделие, па така финансиски ќе бидеме поддржани и со добри и издржани проекти ќе имаме поголема промоција на нашите вина во наредниот период, уште повеќе ќе го развиваме винскиот туризам и винската култура.  Сакам да нагласам исто така дека имаме одлична соработка со локалната самоуправа на општина Кавадарци од каде што одредени наши проекти се финансиски поддржани.

Сподели!
- Advertisement -