Во петок, 29 септември, во просториите на Netaville во Скопје ќе се одржат три предавања за уметноста во видео игрите насловени како GAME ART @ SKOPJE. Повод за овој настан е првото гостување на Serbian Games Association (SGA) во Македонија како дел од нивната регионална турнеја. Тие би сакале на македонската публика да им ја прикажат креативноста и значењето на уметноста во игрите, бидејќи во гејминг индустријата најголема е побарувачката за артисти – 2D арт, 3D арт, концепт арт, илустратори, аниматори, арт директори и уште многу други работни места.
Предавањата ќе ги одржат Јана Поповиќ, 2D илустратор во Shosha Games, Белград; Јасна Марјановиќ, 2D артист во Webelinx Games, Ниш; и Симон Стојановски, Арт Директор во Dark-1, Скопје. Како преставници на SGA ќе гостуваат програмскиот директор Реља Бобиќ и извршната менаџерка Кристина Јанковиќ Обучина кои ќе зборуваат за нивниот менторскиот програм Playing Narratives преку кој младите луѓе од балканскиот регион учат како да креираат видео игри и да ги направат првите чекори во оваа професија. Влезот е бесплатен, а повеќе за настанот може да прочитате на следниот линк. Како еден од организаторите, Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА ја поканува game dev заедницата и сите заинтересирани да се дружиме на GAME ART @ SKOPJE.
Serbian Games Association сe најголемата oрганизација во индустријата на видео игри на територија на Балканот и една од поголемите во Европа. Во нивното портфолио стојат многу квалитетни проекти од кои во наредниот период ќе може да се следат UNREAL JAM 2023, платформата SHIFT2GAMES, и конференцијата PANDORA.