А1 Македонија како компанија која е целосно посветена кон дигитализација на општеството, во соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Општина Дојран ја финализираше првата фаза од имплементацијата на проектот Смарт Сити Дојран. Во рамките на оваа фаза која е дел од проектот „Туризмот – иднината на регионот“ беа поставени паметен е-полнач за автомобили, Градски информативни ЛЦД табли и набавени паметни е-велосипеди. Во следна фаза општина Дојран има план да постави паметни клупи и сензори за загаден воздух.
“Чест ни е што А1 е препознаен партнер од страна на регионите и општините во имплементација на паметни градови и дигитални решенија, бидејќи на тој начин ги правиме нашите општини, а со тоа и целата земја, напредни и модерни за живот. СМАРТ Сити Дојран е одличен пример дека и помалите градови треба да се дигитализираат и да станат паметни, а во исто време да го зголемат квалитетот на животот на своите граѓани и да ја зголемат својата туристичка атрактивност. Поттикнати од овие позитивни примери, остануваме фокусирани на изготвување и реализирање проекти во области кои придонесуваат кон унапредување на модерното живеење.“, изјави Иво Пауновски, раководител на оддел за ИКТ и партнеринг во А1 Македонија
СМАРТ Сити Дојран нуди бенефити не само за Oпштина Дојран, која преку новото паметно решение има можност за напредно далечинско управување на ресурси и генерирање на заштеди, туку нуди и збогатена туристичка понуда за сите посетители на оваа атрактивна туристичка дестинација. Решението предвидува користење на IoT платформа и имплементација на WEB базирана апликација каде што се интегрираат три различни IoT решенија. Тие вклучуваат воведување модерен интегриран систем за контрола и управување на полнач за електрични возила со можност за електронско плаќање, електрични велосипеди со паметно заклучување (Паметни велосипеди) со SaaS (софтвер како сервис), како и Градски информативни ЛЦД табли со WEB базиран софтвер за контрола и управување.
Со овој проект, Југоисточниот регион, преку активностите во Општина Дојран ја започна својата трансформација во модерен и паметен регион, инспириран од развиените европски градови и региони, при што се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и посетителите на Југоисточниот плански регион, особено на општината Дојран.
Проектот е финансиран од Бирото за регионален развој, преку Програмата за РРР 2022-2023, а средствата се управувани од Центарот за развој на Југоисточен плански регион, со целосна поддршка и финансиско учество од Општина Дојран