Во еден здив, повеќе од 150 студенти на водечката македонска едукативно-технолошка организација Бреинстер (Brainster) и првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), викендов ја создаваат апликацијата Breathe.mk, за пријавување на загадување на воздухот во Скопје.
На 48-часовниот хакатон, кој воедно е најголем ваков настан во живо во регионот,
во соработка со стартапот Air Care (Мој Воздух) се креира платформа која во иднина ќе ја користат граѓаните. Апликацијата ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспекторите за животна средина од Град Скопје.
Врз основа на победничкото решение од првиот Air Care хакатон, кој се одржа на почетокот на октомври, студентите сега ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности. На овој хакатон учествуваат студенти од пет академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing и Проект и продукт менаџмент, како и студентите од програмата за Софтверско инженерство и иновации од Бреинстер Некст колеџ.
Генералниот менаџер на Бреинстер Некст колеџот и директор за човечки ресурси во Бреинстер, Александар Клашниновски, истакна дека оваа организација верува во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата.
„Една од мисиите на Бреинстер и на Бреинстер Некст колеџот е имплементација на „tech for good“ парадигмата, односно решавање на општествени проблеми од страна на нашите студенти преку креирање на дигитални решенија. Така и на овој хакатон, студентите ќе работат на дигитално решение кое се надеваме дека ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот како еден од најгорливите проблеми во секојдневното живеење, не само на жителите на град Скопје, туку и на сите жители на нашата држава. Хакатоните се реализираат како дел од нашата програма за учење и работа на реални проекти. Нашата цел е со овие проекти да вложуваме во заедницата и да адресираме општествени проблеми, во соработка со државни и невладини организации и со општествено одговорни компании, како што е Air Care со апликацијата Breathe.mk“.
Иницијаторот на Breathe.mk, Алекс Долстра истакна дека ова не е само уште една веб-страница, тоа е решение што ѝ овозможува на нашата заедница активно да известува за загадувањето на воздухот.
„Еден мудар човек еднаш ми рече дека единственото нешто што никогаш нема да биде успешно е она што никогаш не го започнуваме. Извонредната иницијатива Breathe.mk е олицетворение на оваа мудрост. Breathe.mk е повеќе од обична платформа – тоа е движење, повик за акција и моќен начин скопјани да ја преземат контролата врз квалитетот на воздухот. Breathe.mk е доказ за моќта на колективната акција. Но, она што навистина ја издвојува оваа апликација е визијата за автоматизиран систем, кој може точно да ја одреди најслабата алка. Тука започнува вистинската промена. Со Breathe.mk повеќе нема да бидеме пасивни набљудувачи, туку ќе бидеме сведоци што ќе бараат одговорност од нашите институции. Ќе видиме дали нивните заложби за борба против загадувањето на воздухот се само празни ветувања или конечно ќе се претворат во смислени дела. Ова е нашата шанса да направиме разлика, да го вратиме правото на чист воздух и да обезбедиме подобра иднина за нашето сакано Скопје. Breathe.mk ни даде платформа, но наше е да ја искористиме шансата. Да почнеме денес, за утре, полесно да дишеме“, истакна Долстра. Тој нагласи дека оваа иницијатива се реализира со повеќе поддржувачи и пријатели од Македонија, Белгија, Германија, како и од Холандија.
Поддршка на иницијативата за справување со загадувањето даде и заменик-амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Роберт Декер, кој изрази надеж дека Breathe.mk ќе направи промена.
„Холандија е една од петте најиновативни земји во светот. Да се направи разлика и да се работи заедно за општото добро е во нашата ДНК и јас сум многу задоволен што го гледам ова во пракса денеска во Скопје. Холандските компании и брилијантните македонски млади умови работат заедно со цел да го намалат загадувањето на воздухот и да го подобрат животниот стандард. Се надевам дека производот на денешниот хакатон ќе направи промена, која е многу потребна и од која сите ќе имаме корист. Како што вели нашето мото за годинешното одбележување на 30-тиот јубилеј: Блескаме заедно“, рече Декер.
Преку апликацијата, корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот.
Пријавите ќе стигаат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.
„Драго ми е што толку голем број млади ентузијати, односно студенти, се јавија на повикот да придонесат во создавање решение против загадувањето. Сите граѓани се засегнати од проблемот на загадувањето. Затоа, секоја промена и иницијатива треба да тргне пред сѐ од секој од нас, да придонесеме да се намали загадувањето на воздухот. На Air Care хакатонот има многу млади ентузијати, кои сакаат да помогнат да дојдеме до решение, односно апликација со која ќе добиеме поточни информации и иникатори од каде доаѓа загадувањето. Верувам дека учесниците на овој настан ќе дадат живот на апликацијата, која ќе ни помогне на сите да дишеме поквалитетен воздух. Ова е одличен постулат да се издигнеме во борбата против загадувањето. Во името на Град Скопје, им благодарам на студентите на Бреинстер кои учествуваат во изработка на оваа апликација“, рече заменик-градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски.
По иницијатива на Долстра, Град Скопје минатата година почна со поставување на густа мрежа со сензор, па од почетните 40, сега има иоколу 200 сензори, кои ќе бидат во функција на попрецизно лоцирање на загадувањето.