Започнува нова активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности

- Advertisement -

Денес, УСАИД официјално ја започна новата Активност фокусирана на младите чијашто цел е поврзување на младите со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија. Петгодишната Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, којашто е со вредност од 7 милиони долари, има за цел да го зголеми придонесот на младите кон општеството и ќе работи со 10.000 млади лица во земјава на возраст од 16 до 35 години. Активноста има три суштински цели: воспоставување партнерства за привлечни економски можности за младите, јакнење на вештините на младите за успешна кариера и промовирање вредности како одговорност, етика и граѓанско учество.

На настанот за одбележување на почетокот на Активноста, воведни обраќања имаа Директорката на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) за Европа и Евроазија, Амбасадорката Ерин Е. МекКи и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

- Advertisement -

Во своето обраќање, Амбасадорката МекКи ја потенцираше стратешката врска помеѓу јакнењето на младите во државата и клучните регионални цели, како што се евроатлантските интеграции и регионалната стабилност.

Министерката Тренчевска ја истакна важноста на навременоста на оваа иницијатива, имајќи го предвид сѐ поголемиот број млади лица коишто бараат можности надвор од државата. „Улогата на Министерството за труд и социјална политика како креатор на политики е да им овозможи на младите повеќе можности да го искористат својот потенцијал дома“ истакна Тренчевска. „Во соработка со партнери како УСАИД, се стремиме да им дадеме можности на младите да ги стекнат потребните вештини за успешна кариера и да дадат значаен придонес за нашата економија, со што заедно ќе создадеме попросперитетна иднина за сите“, истакна Тренчевска. „Еден од стратешките приоритети на Министерството е намалувањето на невработеноста кај младите што е клучно за градење на поинклузивно општество.“

- Advertisement -

Со цел да се поддржат повеќе млади да го премостат јазот помеѓу формалното образование и вработувањето, Небојша Мојсоски, раководителот на Активноста и проф. д-р Биљана Ангелова, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за време на настанот. Ова го означува почетокот на соработката за унапредување на универзитетскиот Центар за кариера. ,,Активностите предвидени со потпишувањето на овој Меморандум во голема мерка ќе ги олеснат и забрзаат нашите напори да обезбедиме уште поквалитетни сервиси за нашите студенти од областа на кариерното водство и советување, што ќе придонесе УКИМ да постави пример и да остане лидер во високото образование како прв универзитет во државата што ќе нуди системско и структурирано кариерно водство за своите студенти.”

Активноста ја спроведува американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со CEED Hub Скопје и Младински образовен форум (МОФ).

Сподели!
- Advertisement -