Во Градината на Филип во Прилеп се чуваат старите автохтони семиња и се одгледува здрав зеленчук

- Advertisement -

Филип Димкоски е млад човек, што живее во Прилеп, сака да одгледува цвеќиња, зеленчук и овошје, но сака и да пишува поезија и да преведува. Врската меѓу градинарството и пишаниот збор за Филип се природата, почвата, воздухот и мирот што го нашол на село, на својот имот каде вредно работи, но и црпи инспирација.

Своето секојдневие го нарекол „Градината на Филип“ каде што ја развива својата филозофија за живот, но и делува конкретно, преку тоа што сади здрави, органски продукти, ги одгледува на традиционален начин и чува семиња кои се автохтони за нашето подрачје и прави своја мини банка.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Филип, кажи ни од кога постои твојата градина и што те инспирираше да започнеш ваква приказна?

- Advertisement -

Градината на Филип постои од 2020 година. Една пријателка, кога и ја кажав мојата дамнешна идеја и желба за купување место надвор од градот и производство на храна, ми рече: ова што сега го правиш ти, сега е андерграунд, а за некое време ќе стане ин. Во 2019 веќе го склучив договорот за купување на мојот мал имот, а веќе следната 2020 во март дојде пандемијата со Ковид 19. И навистина се се случи, како што рече пријателката. Производството на храна, љубовта кон селото и поврзаноста со природата за мене не се ништо ново и не станува збор за пресврт во мојот живот, туку за континуирано развивање и негување на таа љубов. Сега како дипломиран земјоделски инженер ми останува само да ја развивам приказната.

Освен што одгледуваш зеленчук, зачински растенија, овошки, ти се грижиш и за обезбедување семенски материјал. Колку е важно зачувувањето на автохтоните стари семиња?

- Advertisement -

Зачувувањето на семето е многу важна стратешка и земјоделска операција, која во поуредените држави е особено развиена и стабилна. Кај нас за жал, планското чување на семето постои во траги, затоа што немаме национална банка на семе. Меѓутоа професорките на Факултетот за земјоделски науки и храна, Мирјана Јанкуловска и Соња Ивановска прават многу голем зафат на ова поле. Јас, за моите потреби се обидувам да создадам мала домашна банка на семе. Да се има семе значи да се биде независен и значи да се остварува едно човечко право. Да се зачуваат старите сорти значи да се обезбеди истрајност, квалитет и зачувување на биодиверзитетот на едно подрачје.

Принципот на здрав живот и здрава храна е се повеќе присутен и баран меѓу младите луѓе. Што најмногу се бара и купува од твојата градина?

Кај мене постојат два типа на производи: свежи производи за дневна употреба и конзервирани производи. Мојата приказна започна со слаткото од дуњи и специјалитетот пелте, а годинава хит беа моите ликери и ракии со тревки. Тука се и чаевите. Палетата на свежи производи е различна и варира во зависност од сезоната, моркови, грашок, кромид, лук, спанаќ, домати, пиперки, краставици, цвекло, бамја, шери домати, тиквички, а тука се штавејот, чичоката, лозовиот лист, свеж босилек, свежо нане. Сите производи ги произведувам и ги преработувам како за своја душа, сосема на природен начин и истите се плод од спојот на традицијата и знаењето. Побарувачката на сите мои производи е одлична. Тоа ми е мотив да работам повеќе и уште подобро.

Имаш ли многу посетители што сакаат и да видат како живееш? Те интересира ли туристичкиот аспект на твојата работа?

Мојата приказна е  се уште на почеток и засега немам тенденции кон агротуризмот. Градината е достапна само за моето тесно семејство и драгите пријатели и соработници. Секако, и за моето куче Хана.

Какви се влијанијата на климатските промени во производството на храна, дали се чувствуваат во твојата градина?

Иако официјално, мојата градина ја работам само неколку сезони, сепак целиот мој досегашен живот е поврзан со земјоделство кое во моето семејство било хоби, а не носечка дејност. Сакам да укажам на фактот дека секоја сезона е различна и посебна на свој начин. Знам дека не можам да  делувам глобално на аерозагадувањето, на светлосното загадување, на уништувањето на шумите и уште на безброј огромни фактори кои ја нарушуваат хармонијата на природата. Но затоа, секојдневно правам мали чекори преку рециклирање, компостирање, садење на медоносни растенија, засадување на зимзелени и листопадни дрвја.. Познавам луѓе што го прават истото и што ја живеат филозофијата на Слоу Фуд, па така човек чувствува дека не е сам и дека има надеж.

Има ли простор за новини и технологија во овој, традиционален начин на производство на храна? Кои се тие?

Човечкиот мозок е безграничен, а секојдневните предизвици ме прават побистар и поснаодлив. Безброј разноразни ситни измислици, иновации и решенија се секојдневен дел од мојата работа. Секако дека сите иновации во однос на производството, но и на продажбата се добредојдени доколку не ги нарушуваат природните текови.

Животот на градинарот е специфичен, како еден млад човек се снаоѓа во село, далеку од модерниот начин на живот? Има ли нешто што би променил во твоето секојдневие?

Мојата градина и моето живеалиште се наоѓаат во викенд населба која е оддалечена околу пет километри од Прилеп, што значи дека воошто не ми недостасува модерното урбано живеење и не сум лишен од ништо што би требало да биде дел од животот на млад човек. Ваквиот начин на живот е избор и бара да пронајдете уживање во нештата што градот не ги нуди. Во последно време повеќе би останал легнат в градина крај грутките земја да ја слушам птичјата симфонија, отколку да одам на некоја забава во кафуле или на некој лош концерт. Мирот нема цена.

Интересно е што пишуваш и поезија. Која е твојата инспирација?

Пишувањето е дел од мене исто како и градинарството. Тие две нешта го чинат моето цело. Вечен и непресушен извор на инспирација ми е природата и среќен сум што градинарењето ми овозможува секојдневно да сум до неа и со неа. Од тука произлегоа моите книги за деца и за возрасни, преводи, препеви, книжевни работилници, промоции и патувања. Филип не би бил Филип без поезија и без градина. Веројатно најдобар опис е онаа мисла дека ако имате градина и библиотека, ништо друго не ви е потребно.

Какви се твоите планови за во иднина? Која е идејата за градината на Филип, за, на пример, пет години?

Ме чека уште многу, многу работа за да ја оформам градината и да го органзирам моето производство онака како што сум замислил. Градината е како огромно платно кое никогаш не е досликано или како огромна песна што никогаш не е завршена. Многу работа, пот, па и по некоја капка крв, многу љубов, малку наклонетост од Бога, малку ѕвезден прав и се ќе биде како што треба. А што ќе биде за пет години, немам поим, ниту мислам толку далекусежно. Се трудам животот да го живеам мигновно.

Сподели!
- Advertisement -