Анкета: Ниска доверба и незадоволство кај граѓаните од транспарентноста и отчетноста на институциите

- Advertisement -

Довербата на граѓаните во институциите се движи од ниска кон умерена, при што нема институција во државата која ужива висока доверба.

Изразено на скала од 1 до 10, Владата (2,8), Собранието (2,7), политичките партии (2,5), Јавното обвинителство (2,5) и судовите (2,4) се институции во кои граѓаните имаат најниска доверба. Претседателот на државата (3,5), полицијата (3,8) и локалната власт (3,7) уживаат умерена доверба, а институција со највисока доверба е армијата (4,9).

- Advertisement -

Медиумите (3,5) и невладините организации (3,5) исто така имаат ниска до умерена доверба, а меѓународните организации и сојузи, како Обединетите нации (3,9), НАТО (3,8) и ЕУ (3,5), и верските заедници (4,4) уживаат умерена доверба.

Ова го покажува истражувањето на јавното мислење „Практики за информирање, следење на актуелни случувања и перцепции за транспарентноста на институциите“, што Институтот за комуникациски студии го реализираше во текот на октомври и ноември оваа година. Во истражувањето беа испитувани перцепциите на граѓаните за нивната доверба во институциите, транспарентноста и отчетноста, како и за начинот на кој граѓаните се информираат и се справуваат со можни дезинформации.

- Advertisement -

Кои се перцепциите за отчетноста на државните органи?

Речиси две третини од учесниците во истражувањето (65,4%) не сметаат дека Владата работи отворено и етички, а релативно висок процент (63,2%) не се согласуваат дека Владата ги почитува демократските институции на државата. Речиси половина (44,2%) од испитаниците сметаат дека Владата често има изговори за функционерите кои се однесуваат несоодветно.

- Advertisement -

Во поглед на Собранието, помалку од 1% од сите учесници во истражувањето сметаат дека пратениците секогаш се грижат за граѓаните што ги претставуваат, а 2,9% дека пратениците секогаш носат закони и политики што се во јавен интерес. Спротивно, 58,4% од испитаниците сметаат дека пратениците никогаш не се грижат за граѓаните, а 50,2% дека никогаш не носат закони и политики што се во јавен интерес.

На прашањето дали сметаат дека Јавното обвинителство редовно започнува постапки по допрен глас, повеќе од две третини од граѓаните изразиле несогласување (72,5%), а речиси 40% воопшто не се согласуваат дека обвиненијата покренати од обвинителствата редовно добиваат судска разрешница. Дури 70% од испитаниците сметаат дека јавноста не е информирана за текот на судските постапки.

Каква е комуникацијата на државните институции со јавноста?

Ниско е и задоволството кај граѓаните од редовноста, достапноста, јасноста и разбирливоста на информациите од државните институции. Многу низок процент од испитаниците сметат дека јавните институции редовно споделуваат информации (3,2%), а информациите што ги споделуваат се достапни (3,7%), јасни (3,5%) и разбирливи (4,1%).

Прашани за актуелни настани во изминатиот период, висок процент од граѓаните одговориле дека државните институции малку или воопшто не споделуваат информации за уставните измени (64%), измените на Кривичниот законик (64,8%), договорот меѓу Владата и компанијата Бехтел-Енка за изградба на автопати (65,6%) и концесијата на рудници во Струмичко (60,3%).

Повеќе од две третини од испитаниците сметаат дека комуникацијата на државните институции е влошена во поглед на заснованоста врз факти (37%) или не е променета во споредба со последните години (42,5%).

Како граѓаните се информираат?

Повеќе од половина од учесниците во истражувањето (55,6%) изјавува дека се сомнева во сè што се објавува на медиумите. И покрај големиот сомнеж, повеќе од третина од испитаниците (36,6%) не го проверува издавачот/објавувачот на веста, а повеќе од половина никогаш не проверува дали веста има потпишан автор (43,2%). Граѓаните почесто проверуваат како други медиуми известуваат за веста (42,2%) и се советуваат со лица кои ги сметаат за познавачи на темата (43,9%). Иако две третини од учесниците во истражувањето (67,1%) изјавуваат дека можат да препознаат дезинформација, сепак високи 41% одговориле дека понекогаш споделиле вести кои подоцна се покажале неточни.

Според истражувањето, телевизијата (66,2%) и социјалните медиуми (57,3%) се главен извор на информации за граѓаните. Значително понизок процент се информираат преку онлајн агрегати на вести како Time.mk (19,7%) и веб-страници (20%). Нешто повеќе од 10% информациите ги добиваат од пријатели и познаници, додека весниците (6,4%) и радиото (5,8%) се извор на информации за најнизок процент од испитаниците.

Tелефонскатa анкета беше спроведенa од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1000 учесници – граѓани на Република Северна Македонија на возраст над 18 години од сите региони од државата, во периодот од 20 октомври до 14 ноември 2023.

Истражувањето на јавното мислење е дел од проектот „Користи факти“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Фото – Wikimedia

Сподели!
- Advertisement -