Amazon се приклучува кон генерирањето слики со помош на вештачка интелигенција, откривајќи сопствена алатка која ги трансформира текстуалните описи во впечатливи визуелни илсутрации.
Новиот Titan Image Generator ги претвора текстуалните описи на англиски јазик во детални слики, како корисно помошно средство за оние кои се занимаваат со огласување, е-трговија и забава, овозможувајќи им брзо и едноставно креирање слики без преголеми трошоци.
Она што ја издвојува оваа алатка е нејзината вештина за справување со „незгодни“ текстуални описи. Без разлика дали се работи за комбинација на повеќе предмети или за фокусирање на специфични атрибути, од Amazon велат дека генераторот може да креира резултати кои се и точни и реални.
Алатката содржи и неколку функции за уредување, како на пример пополнување специфични детаљи во рамките на некоја слика (“inpainting”) или пак дотерување на позадината (“outpainting”). Дополнително, генераторот нуди опции за приспособување на димензиите на сликата, бројот на варијации, па дури и можност да се внесуваат персонализирани „сопственички податоци“ со цел испорачаните содржини да бидат во согласност со специфичните стилови на брендот за кој тие се генерираат.
Бидејќи одговорната употреба на вештачката интелигенција станува сè поважна, од Amazon истакнуваат дека нивниот генератор вклучува заштитни мерки за спречување на злоупотреба, како што се мерки за спречување на генерирањето „штетни содржини“. Исто така, секоја слика доаѓа со невидлив „печат“, суптилно означувајќи ги сликите генерирани со вештачка интелигенција со цел тие да можат лесто да се идентификуваат во борбата против дезинформациите.
Како дел од пошироките иницијативи на Amazon во сферата на вештачката интелигенција и машинското учење, генераторот на слики Titan е достапен преку Amazon Bedrock.
Извор – Маркетинг 365