Со брзиот напредок на технологиите, сведоци сме на зголеменото користење на мобилните телефони и интернетот од страна на децата. Интернетот е корисен извор на информации, едукација и забава, како за помалите така и за децата од училишна возраст. Но, тие не можат се уште да проценат што е соодветно за нив а што не е, па тука треба да настапат возрасните и со своето знаење да ги заштитат од можни злоупотреби. Има многу работи кои е важно да ги научат, како на пример да разликуваат што е вистина а што не, дека сè што ќе постираат останува онлајн и дека не секој што е онлајн е нивни пријател. На нас е да ги едуцираме како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа да се заштитат.
Потребата за овој тип на едукација на децата ја препозна А1 Македонија уште во 2018та година кога го креираше проектот „Интернетот не e само игра…Кликај безбедно!” наменет за четвртоодделенци. Оттогаш па досега се едуцирани повеќе од 4500 ученици во повеќе од 40 училишта од целата земја.
Во шестиот циклус предавања кој траеше учебната 2022/2023 година, вработените во А1 Македонија, на волонтерска основа преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги учеа учениците како безбедно да бидат дел од светската мрежа а притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Ги учеа како да ги препознаат “небезбедните” веб страници, како правилно да ги користат пребарувачите и апликациите, дека не треба да споделуваат свои слики и лични податоци но и слики од нивните другарчиња без дозвола, како да креираат безбедни лозинки, и најважно од сè, дека сè што им изгледа сомнително или чудно треба да го пријават на своите родители или наставници. Брошурата во која учениците ќе најдат многу корисни информации за интернетот може да се најде на официјалната страна на А1 Македонија на следниот линк.
Проектот “Интернетот не е само игра…Кликај Безбедно!” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на Телеком Австрија Групацијата, која во Македонија започна во 2018 година. Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието.
Едукативната програма „Интернетот не е само игра…Кликај безбедно“ е добитник на признанието во категоријата “Однос кон заедницата”, што го доделува Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и Министерството за економија.