Фондот за иновации и технолошки развој денеска на свечен настан ja одбележа десет годишнината од основањето на институцијата. Како водечка владина институција за поддршка на иновациите и технолошкиот развој во земјата, ФИТР има за цел да овозможи подобар пристап до финансиски средства за сите претприемачи, стартап компании и за сите микро, мали и средни претпријатија кои имаат амбиција за раст и развој.
Во рамките на настанот, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, истакна дека е горд што води институција која дава поддршка на сите креативни и млади луѓе кои поседуваат своја бизнис идеја, а за тоа говори фактот што ФИТР денеска во своето портфолио брои вкупно 1.100 поддржани проекти со вкупен обем на инвестиции од 138 милиони евра. Со ова, ФИТР покажа дека е вистински партнер на сите креативни и иновативни млади луѓе, младите фирми, старт-ап и спин-оф компаниите, но и сите микро, мали и средни компании кои имаат амбиции за сопствен раст и развој. Целта на ФИТР е да овозможи полесен пристап до финансии за развој на иновации и технолошки развој и да им се даде шанса на домашните претприемачи да ги реализираат своите бизнис идеи и креативни решенија.
„За овој период се уверивме дека во нашата земја постојат претприемачи кои размислуваат „надвор од кутијата”, кои се отворени за новини и промени. На овие компании кои се предводени од храбри претприемачи, сакам да им пренесам дека вашиот труд и визија прават разлика, вие создавате иднина полна со позитивни промени. Вашата визија за успех нѐ мотивира да обезбедиме нови канали за финансирање на иновативниот екосистем во државата Токму и на тоа работевме изминатиот период, ИПА проектот „Green Business Facility”, акредитирањето кон Зелениот Климатски Фонд, европскиот проект „Policy Answer” се само дел од активностите кои ги превземаме за поддршка на македонскиот еко систем” потенцираше Халили во своето обраќање.
Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ) е независно тело, кој е задолжен за донесување на одлуките за финансирање на предлог проектите, го сочинуваат пет странски, врни експерти во својата работа. Претседателот на Комитетот, Марвин Лиао го истакна своето задоволство од работата со ФИТР како и иновативните проекти кои пристигнуваат за оценување. “Како Комитет за одобрување на инвестиции мораме да го изразиме нашето задоволство од квалитетот на проекти коишто пристигнуваат во Фондот, затоа што со тоа се докажува иновативниот капацитет на младите бизниси во Северна Македонија. Убедени сме дека ФИТР игра клучна улога во развивањето на иновацискиот екосистем преку кој се креираат нови работни места, нови иновативни продукти и конкуретна економија не само во државата, туку и на глобалните пазари“ истакна Марвин Лиао.
Министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање го честиташе јубилејот од 10 години од оснивањето на Фондот за иновации и технолошки развој и кажа дека за вакви јубилеи треба да се потсетиме каде сме биле како држава во делот на поддршка за развој на компаниите, а каде сме сега. “Гледајќи ги бројките за поддржани компании во изминатите 10 години може јасно да се види визијата на владата за поддршка на бизнисот и развојот на компаниите. Она што го пкажува видот на компаниите кои се поддржанми е дека сме силно посветени на поддршка на жените претприемачи на кои им се дава можност да имаат исти услови за развој на компаниите, и второ поддршката за младите кои се многу важни во развојот на економијата“ кажа министерот Бектеши и додаде дека Фондот за иновации преку своите повици дава можност на сите млади во државата, за разлика во минатото кога успеваа само деца на кои беа синови и ќерки на таканаречени олигарси. „Даваме можност на сите млади во државата да бидат рамноправни и да се натпреваруваат со своите иновации и технологии со сите домашни и странски компании, така ќе продолжиме и понатаму“ кажа министерот Бектеши.
ФИТР во домашното стопанство има инвестирано преку 86 милиони евра, а преку инструментите и мерките за поддршка на домашните компании, се поттинаа претприемачите да вложат 52 милиони евра во развој и напредок, овозможувајќи им на тој начин да станат поконкурентни на домашниот пазар но и да се спремат за влез на глобалните пазари.
„Значењето на ФИТР за нашата економија не се согледува само преку портфолиото од 1.100 поддржани проекти и вкупен обем на реализирани инвестиции од 138 милиони евра за десет години, ФИТР има уште една важна функција. Тоа е активно негување и развој на претприемачкиот дух кој е отворен кон иновативноста, дигитализацијата. Развој кон 4тата индустријализација. Веќе гледаме и во следниот развој на ФИТР а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени. ФИТР има јасна визија и светла иднина за развој пред себе. ФИТР е и ќе продолжи да биде првото место на кое се обраќаат сите млади и амбициозни претприемачи и иноватори” изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе продолжи со својата мисија, преку воведување на нови иницијативи и мерки со кои ќе се отвори патот на младите да развиваат тука, во нашата земја и ќе се возможи поголема поддршка на претприемачите и раст на економијата.