Оваа македонска ракија освојува златни медали ширум светот! Димче ја усовршува до мајсторство!

- Advertisement -

Димче Наумов е трета генерација во семејство производители на ракија. Тој ја продолжува семејната традиција а минатата година ја создаде и дестилеријата „Енох“. Производството на овој пијалок, традиционален за Тиквешкиот крај од каде што потекнува, Наумов го издигна на ниво на мајсторство. Со само една година постоење, дестилеријата веќе има четири различни ракии, кои се носители на златни медали на домашни и меѓународни натпревари.

„Севда“, „Севда Голд“, „Сердарот“ и „Аманет“ се продуктите кои сега ги пласираат пред купувачите, но Наумов вели дека подготвуваат и нови рецептури за ракии, ликери и вино.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Димче, раскажете ни кога и како започна приказната на вашето семејство со прозводство на ракија и семејната дестилерија ЕНОХ?

- Advertisement -

Приказната на моето семејство датира од далечната 1972 година, кога татко ми го купил првиот казан за печење на ракија со примарна цел да си пече ракија за сопствени потреби. Подоцна, во деведесетите години, започнува еден тежок период во лозарството, кој со варијации трае и до денешен ден. Тоа беше повод да размислуваме за алтернативна опција за нашето произведено грозје и одлучивме да купиме поголем казан некаде во 2002 година. Така почнавме да печеме ракија во поголеми количини и да ја пласираме до нашите потрошувачи.

Во 2018 година јас ги наследив лозовите насади и решив да продолжам по истиот пат. Во 2020 година за прв пат направив препек, двојно дестилирана ракија, која по две години зреење излезе многу комплексен пијалок. Решив да ја однесам на натпревар и освоив златен медал во меѓународна конкуренција. Тоа беше голем поттик и мотив да почнам да се занимавам професионално со оваа дејност. Во прилог на тоа  од минатата година за прв пат ни се овозможи да се регистрираме како мали семејни дестилерии, а со тоа и да го легализираме нашето производство, како и да направиме бренд од нашата веќе добро позната ракија. Од тука започнува официјалната приказна за семејната дестилерија „Енох“.

- Advertisement -

Колку производи имате во моментот? Што е тоа што ги одвојува од другите ракии на пазарот?

Во моментов имаме четири видови на ракија. Прва е „Севда“, која набрзо го освои пазарот и е веќе препознатливо име. Тоа е нашата основна верзија на ракија, која како и сите други, е двократно прочистена во текот на дестилацијата, зреена со два вида премиум дабови парчиња. „Севда“ нуди одличен квалитет, а си има и коректна прифатлива цена. „Севда Голд“ е подобрената верзија која е двојно дестилирана, а сепак е по истиот рецепт на боење и шмек со основната „Севда“. 

„Сердарот“ е нашиот трет рецепт на ракија. Тоа е двојно дестилирана ракија која е исто така двократно прочистена во текот на дестилацијата. Зреена е повеќе години во премиум дабово буре и претставува врвен дестилат, односно хедонизам од ракија.

„Аманет“е нашиот четврт рецепт на ракија и го претставува занаетот наследен од мојот татко, како негов рецепт и наследство. „Аманет“ е двојно дестилирана ракија каде за боење, зреење и ароми се користени неколку видови парчиња дрво од нашето поднебје. Од нашите ракии, единствено „Аманет“ е ракија со традиционални ароми, каква што се правела во минатото, но подобрена со понови техники и методи на дестилација и прочистување. Оваа ракија е добитникот на првите златни медали и мотивот да влеземе во оваа работа професионално.

Ние во „Енох“ сакаме да ги гледаме нашите ракии како уникатни, секоја на свој начин, и како такви сакаме да ги понудиме на конзументите. Применуваме стар традиционален занает, надополнет со методи на еминентни, етаблирани професори и меѓународни експерти за жестоки пијалоци, од чии научни изданија ги имаме подобрено и усовршено техниките на дестилацијата и правењето ракија. Во правењето ракија користиме само премиум состојки со докажан квалитет. Тие се неколкуте работи кои сакаме да мислиме дека не издвојуваат пред другите.

Што ве мотивираше да ја продолжите семејната традиција за производство на ракија?

Отсекогаш сум го почитувал правењето ракија, кое е составен дел од целиот мој живот. Татко ми гордо ја правеше ракијата, така продолжувам и јас. Одличните коментари од нашите потрошувачи ни го полнат срцето и не туркаат силно напред, заедно со златните медали. Сето тоа претставуваше еден јасен патоказ за тоа каде треба да се движиме.

Целта ми е пред се и да ја победам стигмата дека ракијата е лош пијалок, кој се пие поради тоа што е евтин и само за алкохолизирање. Напротив, ракијата е еден важен дел од нас, нашата историја и традиција. Ракијата совршено се вклопува со нашиот начин на исхрана, сите наши закуски, мезиња, традиционални крафт сирења, пинџурчиња… Сето тоа перфектно се вклопува и се надополнува едно со друго. Нашите веселби, причини за славење, најчесто се залиени со чашка ракија.

Тиквешкиот крај е познат по традицијата на производство на вино и ракија. Какви се можностите за развој на ова производство, во кој правец треба да се движат производителите?

Планираме и работиме на тоа да можеме на странските туристи да им понудиме да го доживеат нашето искуство, начин на живеење, храна, ракија и вино. Се надеваме дека во блиска иднина ќе го реализираме нашиот план.

За жал, нашиот регион изобилува со ракија со лош, па дури и штетен квалитет. Сето тоа мора да се промени и сите да се потрудат лозовата ракија да стане комплексен пијалок, по кој ќе бидеме препознаени, идентификувани, а во исто време и пофалени за вкусот и квалитетот.

Промените се започнати, доказ за тоа се златните медали, наши и на колегите, на престижните меѓународни натпревари, но треба се уште да се работи. Мора да се применуваат техниките на дестилација, прочистување, не помалку важни се и техниките на зреење на ракијата, за да може со секоја голтка да се предизвика восхит кај конзументите.

Тука многу важна улога имаат и државата и Министерството за земјоделие, кое во добра мера веќе ги олесни критериумите и мерките за обичниот земјоделец, но потребни се и нови мерки и олеснувања, кои уште повеќе ќе ги поттикнат да се регистрираат и произведуваат легално. Треба да се работи на промотивни кампањи, каде ќе бидеме видени, чуени, посетени од туристи, итн.

Рековте дека вашата ракија веќе освои неколку златни медали на домашни и интернационални натпревари. Како планирате да се развивате во иднина?

Планови имаме многу, а ентузијазмот е голем. Како што споменав работиме на тоа да обезбедиме туристички капацитет, а и да ги обновиме и зголемиме лозовите насади. Работиме на уште неколку рецепти на ракија. „Севда“ ќе добие силвер верзија, безбојна двојно дестилирана ракија. Можно е да извадиме и два вида ликер и ароматни ракии кои се во фаза на испитување и подготовка на рецептот.

На крај, „Енох“ е и регистрирана семејна винарија, која во моментот произвеува само бело вино „Шардоне“, а за во иднина се планирани уште три видови вино. Она што планираме да остане константа и во иднина е квалитетот на производите кои ќе ги креираме.

Сподели!
- Advertisement -