ИСОС го закружува процесот на ажурирање и објавување на регистрите на професионални сметководители

- Advertisement -

За да се овозможи целосна имплементација на одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи, со што се обезбедува подобра евиденција и управување со сите финансиски текови во земјата, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) ја започна финалната фаза од процесот на ажурирање и објавување на податоците во регистрите на сметководители и овластени сметководители, вклучително и во регистарот на друштва за вршење на сметководствени работи.
Оваа фаза од процесот започнува од денеска (18 декември 2023), со објавување на прелиминарниот список на друштвата за вршење на сметководствени работи на интернет страницата на Институтот, а ќе заврши со објавување на конечниот ажуриран регистар на овие друштва, што ќе се случи на 15 јануари 2024 година. Во овој период, сите физички и правни лица кои вршат сметководствени работи ќе треба да го довршат процесот на усогласување на своето работење според одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи и да ги пријават сите евентуални промени на своите податоци во соодветните регистри што ги води ИСОС. Истовремено, ИСОС ќе изврши електронска размена на податоците од вака ажурираните регистри со Централниот регистар и Управата за јавни природи.

- Advertisement -

„Ги повикуваме сите компании и останати правни субјекти во нашата земја навремено да проверат дали сметководителот или друштвото кое ги извршува нивните сметководствени работи се наоѓа во соодветниот ажуриран регистар што ќе биде објавен на веб-страницата на ИСОС. Овој процес е исклучително важен, затоа што со него се добиваат точни информации за професионалните сметководители и друштва за сметководствени работи кои ги исполнуваат законските услови и согласно на тоа можат да вршат сметководствени работи, вклучувајќи ги и тие што имаат право да ги потпишуваат годишните сметки и останатите документи за финансиско известување“, вели претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Објавувањето на ажурираните регистри треба да придонесе за елиминирање на работењето во т.н. сива зона – појава која сѐ уште е присутна и нанесува штета на сметководствената професија – и истовремено ќе го унапреди работењето на деловните субјекти во нашата земја, имајќи ја предвид големата одговорност што ја имаат професионалните сметководители во делот на водењето и евиденцијата на сите финансиски текови.

- Advertisement -

Токму поради ваквата голема одговорност и потребата од унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, а потоа и со членките на ЕУ и на останатите развиени земји во светот, ИСОС ќе продолжи да вложува интензивни напори во доменот на континуирано стручно усовршување на сметководителите, доследна примена на законската регулатива, на етичките принципи на професијата, како и на воведување и примена на меѓународните стандарди за финансиско известување во нашата земја.

Сподели!
- Advertisement -