Соединетите Американски Држави официјално ги забранија новите паметни часовници на Apple – Apple Watch Series 9 и Apple Watch Ultra 2. Забраната доаѓа по пресудата на Комисијата за меѓународна трговија на САД која препозна нарушување на заштитени патенти во сферата на технологијата за мерење на кислород во крвта.
Комисијата одлучила дека паметните часовници на Apple нарушуваат патент регистриран од страна на медицинските технолошки компании Masimo Corporation и Cercacor Laboratories. Во конкретниот случај се работи за алатка за пулсна оксиметрија, која го мери нивото на кислород во крвта користејќи технологија базирана на светлина.
Одлуката на Комисијата доаѓа по детална истрага за пулсниот оксиметар што се користи во паметните уреди на Apple, а се наоѓа во центарот на правна битка со Masimo Corporation иницирана уште во 2020 година.
И покрај надежите на Apple дека американската извршна власт ќе стави вето на забраната до 25 декември, тимот на американскиот претседател избра да не интервенира во случајот, што значи дека забраната за продажба на Apple Watch Ultra 2 и Series 9 сега и официјално стапува на сила. Сега пред Apple претстои борба за изнаоѓање на решение со кое би го надминале проблемот – дали преку софтверски измени или со правни маневри.
На малопродажните салони им останува да се ослободат од своите преостанати залихи на спорните модели, но нема да можат да ги наполнат поради увозните ограничувања наметнати со пресудата. За оние кои сепак сакаат да поседуваат паметен часовник на Apple, моделот Apple Watch SE 2 од 2022 година е достапен и не подлежи на забраната.
Извор – Маркетинг 365