Oбјавeн првиот Регистар на регистрирани и верификувани е-трговци во Македонија

- Advertisement -

Македонската асоцијација за е-трговија – АЕТМ лансираше нова веб-платформа на која јавно е достапна унапредена верзија од бесплатниот Регистар на сите регистрирани е-трговци во нашата земја, кои имаат правно активен статус и кои нудат е-плаќање за своите производи или услуги, преку една од петте банки во нашата земја кои овозможуваат имплементација на виртуелен ПОС терминал. Освен бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци, на веб платформата достапен е и Регистарот на верифицирани е-трговци, каде што се прикажани сите е-трговци кои поседуваат „Беџ за верификуван е-трговец“ на своите е-продавници. Овие е-трговци, освен што се дел од Регистарот на сите регистрирани е-трговци, подлежат и на дополнителна проверка од страна на АЕТМ, за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата во нашата земја.

Регистарот на регистрирани е-трговци АЕТМ за прв пат го објави во 2021 година како дел од платформата ecommerce4all.mk во соработка со 5-те банки кои нудат е-трговија во нашата земја. Во тековната верзија на Регистарот вклучени се е-трговците кои имаат направено најмалку една успешна трансакција во периодот од 01.01.2022 – 30.04.2023, односно во период од 15 месеци, како и е-трговците кои имаат интегрирано онлајн плаќање во една од петте банки и претходно биле дел од регистарот на е-трговци на АЕТМ, а воедно направена е и категоризација на е-трговците. Е-трговците кои се наоѓаат во регистарот се категоризирани во 25 категории, согласно категоризацијата на Евростат, но и локалниот контекст и постојните е-трговци на пазарот во Македонија. Согласно категоризацијата, во однос на бројот на активни интернет продажни места најголема е понудата во малопродажба (производи) со 55.63%, односно 504 интернет продажни места од вкупниот број и услужни дејности со 44.37%, односно 402 интернет продажни места.

- Advertisement -

Ажурираниот регистар на е-трговци е бесплатен и достапен за јавноста во секое време, а купувачите можат да ги пребаруваат е-трговците по следните 3 параметри: URL, правен субјект на е-трговецот и категорија во која спаѓа е-продавницата. Регистарот на регистрирани е-трговци ќе се обновува на квартално ниво.

На овој начин, како што потенцираат од АЕТМ, ќе се влијае во зголемувањето на довербата кај граѓаните при купување преку интернет, особено со извршување на онлајн платежни трансакции со картичка, а дополнително ќе помогне и во намалување на сивата економија, преку транспарентниот и јавно достапен регистар за сите правно валидни е-трговци на кој секој и во секое време ќе може да направи проверка за валидноста на одредена интернет продавница.

- Advertisement -

– „Регистрите на регистрирани и верификувани е-трговци овозможуваат подобрување на квалитетот на податоците во е-трговија, односно даваат појасна слика за понудата во е-трговија. Преку регистрите, купувачите  можат лесно да ги проверат продавачите и лесно да се информираат дали купуваат од регистрирани е-трговци со цел да се заштитат себе си од потенцијални измами кои најчесто се појавуваат кога прават нарачки од нерегистрирани субјекти (најчесто преку социјалните медиуми). АЕТМ ги промовира регистрираните и верификуваните е-трговци, а преку дополнителни едукативни активности ќе влијае на подигнување на свеста за сивата економија, како и важната улога на самиот купувач со цел нејзино намалување, која всушност претставува еден од главните предизвици за развој на е-трговијата.“, велат од АЕТМ.

Од Асоцијацијата додаваат дека наскоро на оваа веб платформа новост ќе биде и можноста на лесен начин да се пријави злоупотреба или неправилност во работењето на верификуваните е-трговци кај институциите, согласно законските регулативи. Што се однесува до Беџот за верификуван е-трговец, со него ќе може да се стекне секој е-трговец во С. Македонија кој самостојно ќе аплицира за ваков Беџ за верификација и ќе ги помине соодветните проверки од АЕТМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата. Од АЕТМ посочуваат дека наскоро ќе започне и процесот за аплицирање на е-продавниците кои ги исполнуваат условите за здобивање со Беџ за верификуван е-трговец и сакаат да се најдат на оваа листа, a во моментов е активна кампања беџот, па така сите заинтересирани е-трговци кои сакаат да аплицираат за беџ за верификуван е-трговец со пополнување на формата достапна на овој линк ќе имаат можност да се верификуваат меѓу првите во 2024 година.

- Advertisement -

Инаку, АЕТМ го започна развојот на веб платформата ecommerce.mk/badge, во рамки на иницијативата „Градење на подобра заедница за е-трговија во Македонија“, која се реализира со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, спроведуван од Консалтинг за стратешки развој.

Сподели!
- Advertisement -