Сашко и Душко Андови од винаријата „Ерос“ производството на вино го издигнаa до уметност

- Advertisement -

Душко Андов и неговиот син Сашко веќе две децении го градат брендот на Винаријата „Ерос“. Денес, резултат на тоа се десетина вина од повеќе сорти на грозје, меѓу кои и македонската автохтона Станушина. „Ерос“ е мала семејна винарија, која е дел од движењето Slowfood, и која винските насади ги одгледува на органски начин. Вината на „Ерос“ се носители на многу награди и признанија и се уште една потврда колку е голем потенцијалот и квалитетот што лежи во Тиквешкиот регион.

Во интервју за Иновативност, со Сашко Андов разговараме за уметноста на производство на вино, но и за уметноста која ја претставуваат етикетите на секое нивно шише. Тој вели дека Тиквешијата е во силен подем, а со добра винска и гастрономска понуда може да се најде високо на туристичката понуда во регионот.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Раскажете ни ја приказната за винаријата „Ерос“, кога датираат почетоците на одгледување винова лоза и производство на вино во вашето семејство?

- Advertisement -

Добро е познато дека лозарството била една од главните економски гранки во Тиквешијата, во извесен период и со можност за добра заработка. Нашето семејство се занимавало со лозарство од самото доселување во село Марена, но површините кои ги обработувале биле незначајни. Насадите биле стари и до 40 години, па од тука мојот татко, Душко, во почетокот на 90 -тите започнува со експериментално производство на вино, во микро количини. Неколкуте високи признанија кои ги добива за неговите вина во наредниот период ќе го инспирираат од своето хоби да направи сериозен семеен бизнис, и така во 2004 година одлучува официјално да регистрира винарија. Заедно со група пријатели, во слободен разговор за потенцијалот и афродизијакот што го претставува виното, едногласно одлучуват виното, подоцна и винаријата да се викаат „Ерос“.

Какви сорти одгледувате и какви вина произведувате денес?

- Advertisement -

Како што спомнав, на почетокот производството беше сведено на мали, стари насади на кратошија, за подоцна истите да се обноват со други сорти, што можеби беше и една од поголемите грешки што сме ја направиле во изминатите години. Асортиманот го проширивме и со докупување и изнајмување насади, меѓу кои темјаника, мускат отонел, жилавка, совињон бел, вранец, станушина, кратошија. Еден дел од нив веќе се и органски сертифицирани, додека начинот на одгледување е стандардизиран за сите, без отстапки.

Годишното производство е 6000-8000 литри, или просечно околу 10.000 шишиња. Во палетата моментално се застапени десет вина, и тоа Stellar Темјаника, П’на месечина Мускат отонел, Талисман Жилавка, Пилигрим Совињон бел, Вранец, Кратошија, Рубин Кармин, еден интересен бленд од вранец, кратошија и станушина. Некаде од 2011 година сме дел од мрежата на Slowfood  и по нивна иницијатива го формиравме Президиумот Станушината, со цел да придонесиме во возобовувањето на една потисната сорта, со што започна и љубопитноста за истражување на потенцијалот кој го поседува. Интересно е да се напомене дека ја произведуваме во три вариетети, Ева, бела станушина, Розе Ева, и Адама, црвена станушина, елегантни секојдневни вина, едноставни за уживање.

Споменавте дека вашите лозја ги одгледувате на органски начин. Што ве поттикна на таа практика?

Запознавањето на правите луѓе, секако. Во прв момент бев скептичен околу можноста виновата лоза да се одгледува органски. По неколку години идејата повторно се појави, па почнавме посериозно да размислуваме за тоа. Сега веќе лозјата кои се во наш посед се со сертификат за органско производство. Нашата филозофија е да имаме што е можно помалку машински интервенции, со цел задржување и обогатување на биодиверзитетот, од плевели, па се до инсекти.

Практикувате и ноќно берење на грозјето. Кои се предностите?

Случајно дојдовме до идеата, а пресудно беше тоа што за рекордно време успеавме да се организираме со другари и бербата да ја претвориме во забава. Иако на почетокот тоа беше нетипичен подвиг за околината, веќе шеста или седма година по ред сезоната ја започнуваме со ноќна берба на темјаника и мускат отонел. Поентата во целата таа операција е што во текот на ноќта лозата спие, односно нема пренос на сокот од коренот во гроздот и обратно. Со тоа се зачувуваат свежината во аромите и вкусовите. Но, за нас најбитно од се, е што ги избегнуваме високите температури во август, па бербата е многу поедноставна и полесна за сите.

Потекнувате од традиционално винарски регион. Кои се можностите за развој поврзани со винската приказна за вашиот крај?

Голем дел од обработливото земјиште овде бил засаден со винова лоза, и денес се уште е така. Имаме услови да произведеме доста квалитетна примарна суровина, која подоцна е клучна за производство на квалитетни и премиум вина. Тоа е момент кој сите мораме да го искористиме. Имаме уште многу да учиме, секако и технолошки да се надоградиме. Од 2019 година сме дел од Здружението Тиквешки семејни винарии, сега Македонски семејни винарии, организација што во голем дел е одговорна за целокуппната смена на винската култура во Македонија. Првиот Slowine водич во Македонија, како и отворањето на многуте винотеки, директно влијаеше на пласирањето на разноразните вински приказни присутни на пазарот.

Секако, неизбежен дел се и собите за дегустација кои е потребно да се дел од секоја винарија, места каде луѓето во прво лице би се сретнале со приказната што секоја винарија има да ја понуди. Тиквешијата е во силен подем, а со добра винска и гастрономска понуда секако е доста примамлива и за туристи.

Кои се вашите идеи за развој на винаријата? Експериментирате ли во производството на вино? Имате ли некоја идеја на која работите во моментот?

Во моментот работиме на подигнување на квалитетот, можеби редуцирање на палетата, но тоа останува да видиме. Работата со вино и грозје е работа со жива материја, па бидејќи секоја сезона и самата суровина е различна, стандардизацијата како поим го тргаме на страна. Секоја година е нов експеримент, останува само да ги сумираме и издвоиме најдобрите обиди и да ги усовршуваме.

Многу се интерсни етикетите, дали се авторско дело на некој уметник? Како се избрани?

Весна Ничевска, академска сликарка, е личноста кој стои зад делата, и која има голем удел во креирањето на брендот „Ерос“ каков што е сега. Прво идеата ми беше едно дело да биде пренесено на сите етикети, но додека се оствари тоа имав доволно време да ги разгледам поголем дел од нејзините цртежи, а со тоа и совршено да ги вклопам со приказната која ја носи секое вино одделно. Додека за скоро сите вина се избрани веќе спремни дела,  две од етикетите се со посебно сликани илустрации, специфично за тие вина.

Какви се вашите планови за во иднина? Сметате ли дека вие и другите македонски семејни винарии сте подготвени да ги освојувате светските пазари?

Иако спомнав дека имаме уште многу да учиме, неминовно располагаме со голем квалитет, за што сведочат и многуте признанија на интернационални натпревари добиени во последните две-три години на сметка на малите винарии. Количините со кои располагаме се мали, но се надевам дека во скоро време ќе го прошириме пазарот надвор од границите на Македонија.

Сподели!
- Advertisement -