Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше потпишан договор за подготвка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки во Националната мрежа за наводнување.
Договорот го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и фирмата консултант ГЛОБАЛТЕК.
Реализацијата на активностите е поделен во неколку фази. Првата предвидува идентификување локации за поставување на пловечки фотоволтаични постројки, втората опфаќа развој на концептен дизајн и физибилити студија, а третата – подготовка на предлог проекти за поставување на пловечки фотоволтаични постројки.
Проектот е со поддршка на амбасадата на Шпанија во Македонија, а шпанската компанија „Глобалтек“ во период од десет месеци треба да го направи концептниот дизајн и физибилити студијата. Во присуство на амбасадорот на Кралството Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија, Договорот го потпишаа министерот за земјоделство Љупчо Николовски и Хавиер Валеро од „Глобалтек“.
Наводнувањето е една од клучните заложби на Министерството, укажа министерот Николовски, нагласувајќи дека ова е прв ваков проект во државата, а можеби и во регионот. Притоа, посочи дека Шпанија и Белгија имаат големо искуство со пловечките фотоволтаици. А, парите се од Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија.
Целта е да му се помогне на земјоделството и на овој начин треба да се задржи цената за водните услуги што сега ја плаќаат земјоделците. Значајно е и тоа што панелите на вода не зафаќаат плодно земјиште.