Македонија се најде на 76 место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупција, кој секоја година го објавува Транспаренси Итернешнел.
Со 42 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава изминатава 2023 година напредувала девет места во споредба со минатогодишното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за два поени.
И покрај малиот напредок, Македонија и понатаму е во долната половина – кај послабите земји во регионот според перцепцијата на корупција. Полош скор имаат само Косово, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина како најлошо пласирана во опкружувањето.
Последнава деценија Македонија најдобро стоеше во 2014 година кога беше на 64 место во светот со 45 индексни поени, додека најлошиот резултат го имаше на Индексот за 2020 година, кога се најде на 111 место во светот со 35 поени.
Според Транспаренси Интернешнел Македонија, секој резултат под 50 поени согласно мерилата на Индексот, укажува на сериозни корупциски проблеми во јавниот сектор.
„Во врска со резултатите, нашиот став е дека во Македонија корупцијата е се’ уште на многу високо ниво и дека нема реално подобрување на работата кај голем дел од институциите кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата. Судството и јавното здравство треба да бидат на чело на таа борба, но анкетите поврзани со довербата на граѓаните со нивното работење покажаа загрижувачки ниски проценти“, вели Благоја Пендовски, претседател на Транспаренси Интернешнел Македонија.
Како што појасни Пендовски, нискиот процент на доверба од 4% падна на 1%, што е реален показател дека главните институции треба да имаат огромно подобрување во нивната работа.
Извор – Радио МОФ
Фото – Commons.Wikimedia