Интервју со Гордана Палчевска – Ристовска, оперативен директор (COO) на Qinshift Academy
Македонскиот број еден бренд за едукација Сеавус Eдукативен и Развоен Центар од неодамна продолжи да работи како Qinshift Academy. Што значи ребрендирањето на СЕДЦ за неговите партнери и студенти, како и за менторите и целиот тим кои се одговорни за водење на образовниот процес?
Ребрендирањето и спојувањето на шест големи ИТ компании го доживеавме како природен процес после три годишното меѓусебно запознавање под капата на Арикома, но, не би била целосно искрена ако не кажам дека бевме соочени со предизвици. Поволна околност е што основната дејност нѝ подразбира и следење на новини во брзоразвивачката ИТ индустрија, новите трендови за нас се вчерашни вести, па и ребрендирањето, што меѓудругото значеше и сериозно адаптирање, го прифативме како позитивна новина. Тука секако главен мотив беше крајниот резултат, заедница од над 3.500 колеги, неколкукратно мултиплицирана партнерска мрежа, отворени врати за интернационална соработка и ментори од други држави. Научивме дека едни од други можеме многу да научиме, и да спакуваме уште поуспешни продукти.
Студентите директно ќе ги осетат придобивките во форма на зголемени можности за пракса и работа на интернационални реални проекти, тренерите преку проширување на тренерската мрежа со Qinshift колеги од другите фирми со кои се споивме, а партнерите преку создавање на уште поквалификувани и поискусни студенти како резултат на овие придобивки.
Кои придобивки можете да ги издвоите од трансформацијата на СЕДЦ во меѓународен бренд?
Тоа што најмногу ме радува е што ќе имплементираме активност која и досега ја реализиравме, но отсега тоа ќе го правиме на интернационално ниво, активност која е вредна за сите протагонисти, а доаѓа како еден природен процес и win-win сценарио. Нашите студенти ќе работат на проекти креирани и менторирани од наши колеги од други фирми со кои заедно го формиравме Qinshift. Нашето скоро 15 годишно искуство како едукативен сервис на Сеавус сега ќе го пресликаме и на другите фирми со кои продолжуваме да работиме под ист бренд, тука мислам на талент програми за обука и регрутирање на нови вработени, трансформација на парнерства со големи вендори од корпоративни во едукативни, проширување на тренерската листа со експерти од други земји, интернационализирање на десетина академски програми и зголемени можности за вработување на нашите студенти во рамки на сите Qinshift канцеларии глобално.
Дали може да се очекуваат нови наставни програми во согласност со глобалниот карактер на академијата? Дали по ребрендирањето сe променети одредени насоки, студии, итн.?
Праксата нѝ е наставните програми да се ревидираат неколку месеци пред почеток на секоја академска година. Има основни наставни постулати, но координаторите и лид тренерите за наставна програма ги адаптираат, така што независно од ребрендирањето, програмите се усогласени со технолошките новини, збогатени со обуки за личен и кариерен развој. Тоа што можам да го издвојам како новина се неколку напредни куси програми за најатрактивните академии, што ќе бидат интернационални и ќе таргетираме поширок регион. Повеќе новини во наредниот период ќе имаме на територија на Србија, Албанија и Босна и Херцеговина.
Втори на приоритетната листа се академиите за најмалите, тука ќе ја збогатиме програмата со нови модули, и после рекордната дуплирана бројка на ученици оваа година, и одговорноста нѝ е дуплирана, да одговориме на нивните очекувања со поатрактивни, нови програми.
Со CPD акредитацијата на IThink академијата, учеството на учениците во проектни активности, дури и во менторски активности е многу поголема, и како следен чекор ќе има и нивна инволвираност во процесот на креирање обуки.
Како ги насочувате студентите кон поголема ангажираност и успех во нивните студии? Кои иницијативи или програми се имплементираат за да се подобрат резултатите на студентите?
Кога сите горенаведени фактори за квалитет се исполнети, а сепак мотивот и ангажираноста затајува, во тој процес најбитна улога одигруваат асистентите и тренерите кои некогаш биле наши студенти. Тие од свое искуство, најдобро знаат во кој период од наставата и зошто може да падне интересот и да се јави отпор кон студиите.
Од пред три години воведени се месечни средби со студентите, на академиите кои имаат повеќе од две групи истовремено, за да се почуствува пулсот на групата, да се подобри процесот на пренесување знаење, и да се комуницираат заедничките цели и стратегии.
Обуки за меки вештини како презентациски и комуникациски вештини, кариерно советување, менторирање на проектните активности и работа во тимови кои студентите сами ги формираат, делуваат исто така мотивирачки, затоа што даваат моментален дефокус од класичната настава а сепак работат во прилог на градењето на нивното студентско портфолио и директно искуство на корпоративна колаборација.
На некои од академиите се организираат хакатони, натпревари за најдобро идејно графичко или маректинг решение и многу други предизвици кои внесуваат свежина во наставниот процес, а самите проекти го градат чувството на искуство кај студентот, ја градат неговата самодоверба со симулирање на активностите кои би ги имале на некои потенцијални џуниор позиции.
СЕДЦ е добро познат бренд на нашиот пазар, со голем број студенти, можности за вработување по завршување на студиите и обезбедување висок стандард на образование. Што е клучно за континуирано подобрување на квалитетот на студиите во Qinshift Academy?
Клучни се неколку аспекти, затоа што и квалитетот различно е вреднуван од различни профили на луѓе, а некогаш добра програма без добра реализација или без практична примена е скоро неупотреблива.
Сметам дека првата алка во синџирот на пренесување знаење е наставната програма, креирање на курикулум од страна на луѓе од ИТ индустријата, изработка на презентации, лабораториски околини, lms платформа, вежби и сè што е потребно за квалитетно реализиран наставен процес.
Кога овој сет материјали ќе се стави во служба на професионалец кој не импровизира, туку само со своето искуство го пренесува материјалот на најдобар можен начин, и при тоа има и асистент кој го помага процесот, ја артикулира атмосферата на часот, задава и коригира домашни задачи, часовите се навистина чиста размена на знаење.
Изборот на тренери/котренери/асистенти е втората алка, и е процес со кој сме особено горди бидејќи веќе е престижно да се биде дел од менторскиот тим на Qinshift Academy. Тренерите без тренерско искуство поминуваат обуки, од најдобрите студенти бираме асистенти, кои по неколку успешно одржани предмети се промовираат во котренери, тренери, лид тренери.
Слободно можам да кажам дека сме student – centric академија, и секој што излегол од нашите клупи, гарантирам дека има само пофални зборови за односот со целиот нашиот тим, не само на тренерите. Со ова во прв план, како трета алка во процесот на квалитетни студии, го издвојувам јасното поставување на студентските очекувања. Мислам дека веќе имаме изградено имиџ дека сѐ што е кажано при запишувањето, студентот и го добива, но тука мислам и на фактот дека сме експлицитни во дефинирање кои се и нашите очекувања од студентите, колку тие треба да се вложат, каде завршува нашето, каде почнува нивното сериозно ангажирање. Токму тие реални очекувања на студентите се третата алка, која ги имплицира нивните вложувања, и веќе ја имаме формулата за успех.
Пејзажот на ИТ и дигитални студии брзо се развива. Како воспоставувате и одржувате партнерства со компании од индустријата? Можете ли да дадете пример за успешна соработка?
Партнерската мрежа успешно ја градиме и ја продлабочуваме соработката скоро 15 години. Наследивме многу убави соработки и од аквизицијата со Александрија, а во последниве 5 години растеме и во регионални рамки. Голем дел од компаниите и сами нѝ се обраќаат за соработка, барајќи успешни студенти за процесот на регрутирање, реализација на адаптирана програма за нивни потреби, а кога алумни базата брои над 20.000 студенти, реализацијата е скоро секогаш двонасочно успешна во многу краток рок.
На крајот на секоја година организираме настан Career Connections на кој ги покануваме и партнерите и алумнистите, за формално да ги претставиме и ја иницираме соработката.
Сепак, не можам а да не ја фаворизирам соработката со Киншифт (Сеавус) и посебно ја издвојувам последнава статистика, бројката од повеќе од половина студенти од академијата за Компјутерски мрежи и ITOps кои се вработија во Operations 24/7 дивизијата, веднаш по завршување на студиите на Qinshift Academy.
Кога ова ќе се стави како парче во сложувалката составена од 6 компании, 28 канцеларии глобално, повеќе од 200 клиенти и неверојатна поддршка од мајката компанија KKCG, големата слика е повеќе од инспиративна и содржи многу успешни приказни што ќе помагаат во нашата основна цел – вработени студенти кои ќе креираат подобра иднина за сите.