Јорданчо Лефков: Во Чешиново го произведуваме првиот био-паметен ориз во Македонија!

- Advertisement -

Првите количини на био-смарт ориз ќе се добијат наесен, а заложбите на чешиновските оризопрозводители беа препознаени и наградени како една од трите најдобри зелени идеи на финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи, во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“. Овој иновативен поект ни го раскажа Јорданчо Лефков од Здружението на граѓани Јадрена група за одржливо производство на ориз – Оризова Братимка од Чешиново

 

Пишува – Сања Наумовска

- Advertisement -

Еколошки ориз, произведен на уникатен, иновативен начин, со рационално и одржливо користење на водата и другите ресурси, се произведува во нашето Чешиново. Општината Чешиново-Облешево е позната и како дом на најголемиот број штркови во земјава, а посветеноста кон екологијата и природата нејзините жители ја докажуваат и со развивање на уникатен начин на производство на оваа земјоделска култура. Првите количини на био-смарт ориз ќе се добијат наесен, а заложбите на чешиновските оризопрозводители беа препознаени и наградени како една од трите најдобри зелени идеи на финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи, во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“.

Моделот на рана сува сеидба не е непознат во светот, но досега не се применувал кај нас. Тој, според Јорданчо Лефков од Здружението на граѓани Јадрена група за одржливо производство на ориз – Оризова Братимка од Чешиново, е уникатен начин кој обезбедува еколошко и одржливо производство. Иновативната постапка за производство на овој ориз штеди многу вода и други ресурси, а ја исфрла прекумерната употреба на пестициди и други загадувачи. Производот е со извонреден квалитет, а неговото прозводство на ниеден начин не ја згрозува животната средина.

- Advertisement -

„Нашиот ориз е навистина паметен! Од една страна ја штити животната средина, штеди ресурси и вода, а од друга страна е максимално квалитетен и вкусен“, вели Лефков. Суштината на проектот био-смарт ориз е одржливо производство и паметно користење на репроматеријалита и заштеда на ѓубриво и семенски материјал. Вели дека особено внимаваат на заштедата на водата, што всушност е и основата на моделот на рана сува сеидба.

- Advertisement -

„Овој модел сè уште не е присутен кај нас, а значи од 15 до 30 дена порана сеидба на оризовите полиња, во текот на пролетните месеци, додека земјата сè уште има влага и нема потреба од полевање со големи количинин вода. Со сувата сеидба можеме да обезбедиме и порамномерно сеење на семенскиот материјал, да избегнеме катно сеење и пробивање на оптималните рокови за сеидба. Се работи за нови практики, за кои Здружението веќе има прирачник и кои од следната сезона ќе ги применуваат триесетина оризари, членови на Здружението“, објаснува Јорданчо.

Во моментов се прави маркетинг стратегија за промоција на био-смарт оризот на домашниот пазар, што подразбира негово брендирање, сертифицирање и специјално пакување. Како био-смарт ориз можат да се садат повеќе сорти ориз кои се присутни кај нас, а кои и во минатото се докажале како отпорни и со потенцијал за рано садење. Во Чешиново ќе се сади „сан андреа“, сорта ориз со докажан квалитет. Тимот кој ја реализира оваа иновативна практика е убеден дека нивната зелена идеја има голема иднина, во која планираат многу да вложуваат. Една од можностите им се отвори и со изборот меѓу финалистите на македонскиот избор на зелени идеи што го организира АРНО, кој пак, ќе ги однесе на регионалниот натпревар на кој, во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора ќе се натпреваруваат за поддршка од 10.000 долари.

„Искрено се надеваме дека ќе победиме и дека ќе добиеме можност да инвестираме во зелено производство на нашиот паметен ориз. Ова призводство бара современа технологија, како на пример ласерско порамнување на парцелите, нивелирање кое ќе обезбеди контролирана употреба и заштеда на водата и другите ресурси, рамномерно засејување и проникнување на оризот. Тоа ќе обезбеди и ефикасност при употребата на заштитните средства и нанесувањето на ѓубривото. Нивелирањето ги зголемува и приносите за 30 отсто. Наградата би ни била добредојдена и за инвестирање во нова сеалка“, посочува Лефков.

Јорданчо вели дека еколошките иницијативи не се случајност во Чешиново. Логото на нивното здружение е штркот, птица која најмногу ја има во овој крај и која е посебен белег и голема атракција во оваа општина. Општината Чешиново-Облешево го носи епитетот „Европско село на штрковите“, а минатиот месец беше домаќин на претставници од тринаесет европски држави во рамките на настанот „Европско село на штрковите“ во рамки на кој се дебатираше на теми за заштита на животната средина.

 

 

 

 

Сподели!
- Advertisement -