Малата инволвираност на жените во општеството не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество. Согласно спроведена анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18 проценти од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа во интервју за „Блумберг Адриа“ посочи дека стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45 проценти, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70 проценти. Кај нас, како што рече, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45 до 46 проценти, за разлика од стапката на активост кај мажите која што е околу 65 проценти.
-Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23 проценти, што е релативно мала бројка, истакна гувернерката.
Гувернерката посочи и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, кој е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, како што додаде, има голем потенцијал кај жените кои не се активни. Оттаму, треба да се преземат политики за нивно активирање на пазарот на труд.