Македонските вина промовирани пред светската јавност на „ProWein 2024“

- Advertisement -

Македонските вина се претставуваат на најпознатиот меѓународен саем за вино и жестоки пијалаци „ProWein 2024“, кој од 10 до 12 март, се одржува во Дизелдорф, Германија. На триесеттото издание на „ProWein2024“ учествуваат македонските винарници: „Тиквеш“, „Камник“, „Венец“, „Мовино“, „Имако“, „Попов“, „Милев“, „Стоби“, „Парагон“, „Сопот“ и „Лазар“.

Учеството на овој саем е од исклучително значење за македонските винарници бидејќи посетителите на саемот се вински експерти, сомелиери, вински ентузијасти и лица со одлучувачка моќ во компаниите од кои доаѓаат. Тоа овозможува директен контакт на учесниците со релевантни купувачи од целиот свет.

- Advertisement -

„Овој настан е важен за сите винарници кои се стремат кон глобално присуство на своите производи, но и место каде што се претставуваат новитетите и последните трендови во индустријата. Присуството на македонските винарници е значајно за позиционирањето на земјата и на поединечните брендови на меѓународно ниво“,  истакна Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина на Македонија“, која ја претстави македонската винска индустрија и на настан во организација на најзначајната асоцијација за одржливо производство во светот – „Sustainable Wine Roundtable“.

Посетителите на „ProWein 2024“ имаат одлична можност да се запознаат со автентичните вкусови и ароми на македонските вина и да уживаат во нивниот квалитет кој го освојува интернационалниот пазар. За време на саемот се организираат ексклузивни дегустации од страна на професионалци кои креираат неповторливи искуства за присутните.

- Advertisement -

На овој саем, македонските винарници имаат единствена можност пред светот да го покажат своето врвно вино кое е плод на вековната традиција и современите технологии за производство на вина со неспоредлив квалитет и карактер.

Оваа година учеството на саемот се реализира со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во целост го покрива заедничкиот штанд на македонските винарници. Дополнително, Винарската визба „Тиквеш“, како најголема винарница од нашата земја, е претставена на посебен штанд, претставувајќи ги своите производи со традиција и докажан квалитет.

Сподели!
- Advertisement -