Сите четири национални паркови во земјава „Пелистер“, „Маврово“, „Галичица“ и „Шар Планина“, поднеле проекти до Министерството за животна средина кои треба да се финансираат од државниот буџет. Министерството годинава одлучи за првпат да додели државна помош на овие институции и со тоа директно да учествува во заштитата на природата. Предвидени се 20 милиони денари, а финансии ќе добие секој национален парк.
Два од националните паркови, „Маврово“ и „Шар Планина“ планираат да воведат такса за влез во паркот. Во „Маврово“ ќе бидат поставени три рампи на најфреквентните планинарски патеки, додека пак „Шар Планина“ ќе наплатува влез на автомобили преку електронски систем. Во „Галичица“ такса за влез се наплатува одамна, па во овој парк ќе се работи проект за подобрување на условите во живеалиштата на ендемитот, галичичко каранфилче.
Од Министерството за животна средина велат дека сите националнали паркови ќе добијат финасиска поддршка, но во моментов не се знае дали поделбата на средствата ќе биде еднаква за сите, за што ќе треба да се почека да заврши постапката за евалуација на доставените апликации.
„Министерството преку Програмата за инвестирање во животната средина за 2024 година објави конкурс за распоредување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2024 година. Апликации имаат доставено сите четири национални паркови. По завршување на еволуционата постапка од страна на Комисијата одобрените апликации/проекти на националните паркови јавно ќе бидат објавени на официјалната веб страна на Министерството“, посочуваат од оваа институција.
Информираат дека активностите кои ќе се финансираат треба да бидат поврзани со Плановите за управување, да бидат насочени за спроведување на практични мерки за конзервација на диви видови или за генерирање на финансиски средства на паркот преку спроведување на екосистемски услуги. Исто така, парковите може да градат зелена инфраструктура со уредување на туристички места, видиковци, планинарски и велосипедски патеки, едукативни центри за млади, да креираат 3Д виртуелни тури низ паркот или да промовираат локален бренд на храна. Активностите треба да бидат фокусирани на најмалку три локации во националниот парк, а да вклучуваат и кампања за промовирање на вредностите и активности на паркот преку медиумите.
Директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, вели дека аплицирале со еден проект кој има неколку компоненти, сочинети од приоритетите кои ги утврдиле како институција. Планираат да се воведе електронски систем за наплата на влез на возила кои се загадувачи на воздухот и природата.
Системот ќе функционира со праќање смс пораки или со плаќање со картичка, а низ паркот ќе бидат поставени стотина информативни табли со информации за сите посетители. Рампи нема да има бидејќи овој национален парк има многу населени места и многу влезови и излези.
Дехари информира дека со овој буџет планираат да направат и неколку засолништа за посетителите кои ќе ги затекне невреме. Ќе ги има на повеќе локации во паркот и ќе бидат од природни материјали.
„Еден многу важен дел од проектот со кој аплициравме е соработката со општините кои имаат регулирано собирање отпад во селата за заградување на локациите каде што стојат контејнерите. Тоа е еден начин да се спречат дивите животни да се симнуват по селата и да се хранат во ѓубрето“, вели Дехари за Мета.мк.
Наплата на влез во националниот парк ќе има и во „Маврово“, но овде ќе се постават рампи и дигитален информативен билборд на три локации кои нема да бидат на сообраќајниците, туку на планинарските патеки.
Според директорот Самир Ајдини, ќе се спроведе промотивна кампања за националниот парк и ќе се изработи програма за зајакнување со управувањето со локалитетот пештера Кадина дупка и ледничко езеро Локув. Ајдини вели дека бројот на посетители во паркот постојано расте, но дека точната бројка не се знае, а е потребна поради креирањето на нови можности за посетителите, но и поради планирањето на нивната безбедност.
„Голем број посетители се недоволно информирани за значењето на зоните во кој навлегуваат како и за правилата на однесување во нив. Неконтролираниот влез на посетители особено во планинските предели, недоволниот прилив на финансии од туристичките активности и другите екосистемски услуги, недостатокот на промотивни активности на паркот и на научно-истражувачки активности на подрачја кои се под заштита од меѓународни организации се клучните и суштествени проблеми со кој се соочуваме, а нивното решавање ќе ни донесе значаен и долгорочен бенефит“, вели Ајдини.
Националниот парк „Галичица“ веќе наплатува такса за влез на својата територија, а парите од државната помош ќе ги искористи за нови конзервациски мерки, подобра промоција и подобрување на условите за рекреација и престој на посетителите. Според Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата, ќе се работи на подобрување на условите во живеалиштата на ендемското растение галичичко каранфилче, како и на продажба на сувенири кои ќе се изработуваат во паркот. Тој вели дека Галичица веќе подолго време избегнува директно користење на природните ресурси како начин на обезбедување на финансии.
„Добро е што Министерството и практично покажа интерес за заштита на природата во националните паркови. Отсуството на државна помош во финансирањето беше една од забелешките и во извештаите за напредокот на земјата од Европската комисија, бидејќи финансирањето на национални паркови од буџетот на државите е пракса која е глобално прифатена“, вели Бојаџи.
(Meta.mk)