Бектеши: Ќе ги замрзнеме цените ако трговците почнат со поскапувања

- Advertisement -

Бектеши најави казни но и затварање на ланци маркети доколку трговците неосновано ги покачат цените во периодот од шест месеци до имплементација на Законот за забрана на нефер трговски практики. Тој ги повика производителите да не склучуваат договори под притисок со трговците и со маржи до 30 отсто

СКОПЈЕ – Замрзнување на цени, насочени мерки кон одредени ланци маркети и трговци, казни но и затварање. Ова се мерките кои ги најави министерот за економија Крешник Бектеши. Инфлацијата е под контрола а трошоците кои влијаат на цените се намалени и затоа трговците немаат основ за да ги покачат цените.

- Advertisement -

„Ако во случај имаме големо зголемување на цените посебно на основните прехранбени производи секако дека ќе и предложиме на Владата мерки со цел да се ублажи , но јас верувам во општествената одговорност на трговците и големите ланци на маркети. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои им се дадени од министерството за економија на одредени трговци а крајната мерка е затварање на одредени ланци на супермаркети кои би извршиле злоупотреби“, изјави министерот Бектеши.

Тој побара од производителите да не подлегнуваат на притисокот на одредени трговци, кои во вакуумот до практичната примена на Законот за нефер практики, ги уценуваат со маржи до 30 отсто.

- Advertisement -

„Сакам јавно да ги повикам домашните производители да не паѓаат на такви финти на одредени доминантни ланци супермаркети. Јас не можам да одам поединечно кај секој домашен производител и да му кажам да не го прифати тој договор или тие услови бидејќи тоа е мешање во нивните односи и политики. И производителите со трговците односите ги средуваат сами. Има законска рамка по која треба да работат и тоа не треба да се злоупотреби“, рече Бектеши.

Кога станува збор за листата на прехранбени и земјоделски продукти за кои маржата ќе биде ограничена до 10 отсто Бектеши соопшти дека е изготвена и доставена до стопанските комори и бизнис заедницата и дека чекаат повратни информации од нив во наредните десет дена дали се согласуваат или дали има производи кои сметаат дека треба да се додадат или тргнат од листата.

- Advertisement -

Извор – Гласот на Америка

Сподели!
- Advertisement -