На мигрантите кои илегално стигнале во Велика Британија британската влада сака да им понуди можност доброволно да одат во Руанда и за тоа да добијат 3.000 фунти, соопшти британското Министерство за внатрешни работи.
Лондон веќе две години планира во африканската земја да ги протера мигрантите кои илегално стигнале во Велика Британија, дури и пред обработката на нивното барање за азил и без оглед на тоа дали се сложуваат или не. Планот е контроверзен и наиде на критики во ОН.
Конзервативниот британски премиер Риши Сунак смета дека станува збор за национален приоритет, но ниеден авион со мигранти засега не полетал за Руанда. Новиот договор со Кигали сега би можел да овозможи испраќање на мигрантите во Руанда на доброволна база, соопшти министерството.
Според The Times, мигрантите би можеле да добијат до 3.000 фунти или 3.509 евра ако прифатат да одат во Руанда. Тие ќе добијат поддршка од властите воРуанда во период до пет години, посебно за трошоци за сместување.
Овој нов план пред се може да се однесува на мигрантите кои доаѓаат од Авганистан или Иран, пишува The Times. Британската влада инсистира дека Руанда е безбедна земја, но повеќе организации за човечки права го обвинуваат претседателот на Руанда, Пол Кагаме, дека владее така што сее страв и ја гуши слободата на изразување.
(Bizlife)
(фото: Flickr)