По повод 8-ми март, Меѓународниот ден на жената, и воедно, месецот на жената, Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, која се залага за еднаквост на работното место, изработи креативна кампања насловена “Мит наспроти Факт”, со цел разоткривање на погрешните размислувања или митови кои се јавуваат на оваа тема, и истакнување на реалноста за родовата еднаквост во Северна Македонија и предизвиците со кои се соочуваат одредени поединци.
За потребите на кампањата беа користени статистики кои се базирани на истражувања и студии од Државниот завод за статистика, Светскиот Економски Форум, Светската Банка и Европскиот институт за родова еднаквост, токму со цел да се разбијат некои од митовите кои се јавуваат кога станува збор за родовата еднаквост на работното место преку впечатливи креативи и реклами на социјалните медиуми на GEA.
Кампањата заврши со настан каде што беа присутни околу 60 гости, меѓу кои и г-а Елизабета Ѓоргиевска, Сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, Шефот на кабинетот од Министерството за труд и социјална работа – Наташа Димеска, членови на Советот на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, соработници, партнери, поддржувачи на ГЕА и претставници од бизнис секторот, кои имаа можност да се придружат кон реализирање на крајната цел на кампањата – подигнување на свеста за состојбата и фактите за родовата еднаквост на работното место во Северна Македонија и Европа преку интерактивен квиз и меѓусебно дружење за споделување на позитивни примери поврзани со најдобрите практики за постигнување родова еднаквост на работното место.
Свое поздравно обраќање на настанот имаше претседателката на ГЕА, Нина Ангеловска, која што изјави: “Мит е дека родова еднаквост постои, мит е дека родовата еднаквост на работното место е постигната во развиените земји, а дека недостига во земјите во развој, мит е дека е женска борба и дека мажите немаат улога. Фактите покажуваат дека не е така, односно со статистичките бројки се побиваат митовите, каде што јасно се гледа дека родовата еднаквост не е постигната и жените се платени помалку, помалку се застапени во управувањето итн. Со овие митови и факти кои се дел од кампањата се надеваме дека ќе ја доближиме вистината за состобјата повеќе до сите. Затоа, една од задачите на Алијансата е да ја креваме свеста и да поттикнеме дискусија во која ќе бидат вклучени што повеќе мажи, бидејќи родовата еднаквост не е само женско прашање, тоа е социјален и економски императив..”
На настанот беа доделени две специјални признанија – на г-а Елизабета Ѓоргиевска, Сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија за континуираната поддршка и посветеност за подигнување на свеста за родовата еднаквост во Република Северна Македонија и на г-ѓа Јованка Тренчевска за придонесот и посветеноста за реализација на кампањата „Гласна и храбра“ за економското зајакнување на жените во Република Северна Македонија, како и призанија на партнерите и поддржувачите на ГЕА за својот придонес во промовирањето на родова еднаквост на работното место во Република Северна Македонија.
Г-а Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија изрази поддршка за работата на Алијансата за родова еднаквост со оглед на тоа дека третира тема која е важна и во работата на Кабинетот на претседателот. Таа истакна дека кога жените имаат еднаков пристап до можностите за вработување, има и повеќе можност и за економски раст, а се користи и целосно талентот во едно општество. Родовата еднаквост е важна, не само во однос на пазарот на труд, туку и во сите сфери на општеството затоа што кога им овозможуваме поголем напредок и учество на жените, тогаш има и правичност и социјална правда и поголем учинок на компаниите и институциите. Во таа насока г-а Ѓоргиевска додаде дека борбата за родова еднаквост мора да продолжи со заеднички ангажман и на државните институции, бизнис и граѓанскиот сектор, како и на секој поединец.
Алијансата е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост.
Инаку, Алијансата е формирана со поддршката од Мastercard, Eurolink и Casys како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско и Евроинс Осигурување како поддржувачи, а е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја поддржат нејзината работа и да придонесат кон поголема родова еднаквост на работното место.
Повеќе информации за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.