Во Битола се наоѓа единствениот хотел во кој има и театарска сцена!

- Advertisement -

Хотелското сместување многу често е формална работа и при резервација се поаѓа исклучиво од цената и од оценките на претходните гости. Но, има и такви хотели особено бутик-хотели кои влегуваат под кожа, будат убави емоции и при секое враќање во тој град се сместувате токму таму. За мене таков хотел, место во кое се чувствувам убаво, топло и пријатно е хотел „Театар“ во Битола. При мојот последен престој овде испив едно кафе со Софија Ристевска Петрушева, една од сопственичките на овој уникатен хотел. Уникатен затоа што е единствен хотел во Македонија, а сигурно и пошироко, кој има и сопствен театар. Сигурно ќе се запрашате зошто театарска сцена во хотел? Одговорот ни го даде Софија, која е театарска режисерка, стендап комичарка, силна и гласна адвокатка за женските права, менаџерка на хотел, мајка на две девојчиња, жена која инспирира и шири добрина околу себе.

Разговараше: Верица Јорданова

- Advertisement -

Софија, како и од каде да започнеме со твоето претставување?

Прво да кажам дека сум дете од медицинско семејство на двајца доктори-психијатри кои долги години работеа во душевната болница во Демир Хисар. Во далечната 1993 година татко ми ја отвори приватна ординација во Битола „Психомедика“, којашто годинава слави 40 години постоење. „Психомедика“ е психијатриска ординација со неколку општи ординации која ја води мојата сестра Гордана Ристевска Димитровска која исто така е психијатар.

- Advertisement -

Кога во 2013 година го купивме овој објект првичната идеја ни беше да изградиме дом за стари лица, дамнешна идеја на мојот татко. Но, се покажа дека просторот е премал за таков објект, па наместо тоа изградивме хотел. Хотел „Театар“ е уникатен бутик хотел со 10 соби и една мала театарска сцена.

Со оглед на тоа дека никогаш претходно не се занимававте со хотелиерство, како го замислувавте хотелов од самиот почеток?

- Advertisement -

Идејата ни беше гостопримството да биде персонално, кон секој гостин посебно. Сакавме да го зачуваме домашниот амбиент, поради што и самата зграда е во староградски стил. Визбата во подрумот, која има околу 100 м2, размислувавме да ја претвориме во простории за хотелот или да биде театар. Моја идеја, како човек посветен на театарската уметност беше овој простор да го претвориме во мал театар.

Независната театарска сцена е многу важна за развојот на креативната мисла. Ваков тип на иницијативи ширум светот се вистинска авангарда. Има ли кај нас можност за успех на вакви мали театри?

Театарот,кој се вика „Интимен театар“, во голем процент финансиски зависи од хотелот со оглед на тоа што не плаќаме никакви режиски трошоци. Инаку, „Интимен театар“ живее на грантови. Имаме грантови од државата, од општината, а во последно време почнавме да соработуваме со УНДП Македонија. Правиме претстави кои најчесто ги режирам јас, но и други мои колеги. Претставите се камерни, затоа што во театарот може да глумат 2-3 актери и може да имаме публика до максимум 50-60 луѓе.

Просторот е модуларен, лесно се трансформира и често го издаваме и како сала за состаноци. Во последно време приредуваме и родендени со детски театарски претстави.

Долго време во склоп на театарот функционираше и младинска театарска група во која средношколци и студенти сами правеа претстави. Имаме и школа за театар наречена „Фабрика за мечти“ која функционира во склоп на театарот од 2016 година. Се плашам дека ако моите актери не беа вработени во Театарот во Битола, тешко дека би можеле да преживееме како фриленсери.

Во последно време правиме и социјални театарски претстави, во смисла на тоа дека работиме со луѓе од локалната заедница. На пример, пред неколку години работевме со жени болни од рак на дојка кои самите жени правеа претстава и документарни материјали под мој надзор. Во последно време работиме со лица од нашиот дом за стари луѓе, кој постои две години. Со еден збор, се обидуваме театарот да го инволвираме во локалната заедница, односно тие сами да креираат во театарот. Тоа ни е главното мото или главната цел.

Има ли кај нас поддршка за таков тип на независна сцена?

Има, но може да биде и поголема. Како што се намалуваат во последно време буџетите за многу области, така се намалуваат и за културата. Целото општество, не само министерството за култура, треба да биде свесно дека многу е битно да се вложува во таквата независна културна сцена, која го прави жив, вибрантен и различен тој екосистем на културата. Во нашиот град ние сме независна театарска група. Постојат и неколку други групи кои функционираат во градот, но ние сме единствени коишто навистина имаме наш простор. Многу е тешко да се изнајмува простор, посебно во Скопје, затоа што на колегите им е тешко да ја плаќаат киријата. Интересно кај нас е што после претстави луѓето остануваат на пијалак и на дружење. Тој амбиент на топлина е многу добар. Многу родители ги носат децата во театарската школа, а тие седнуваат да уживаат во дворот на хотелот. Испреплетени се работите и тоа ми е многу драго.

Да се вратиме на хотел „Театар“. Oд кога функционира хотелот? Како дојде идејата да отворите хотел наместо старечки дом?

Мислам дека димензијата на просторот сама си кажа за што ја бидува. Сопругот на мојата сестра е архитект кој процени дека немаме доволно простор за старечки дом. Така изборот падна на хотел. Почеток, во јануари 2014 година за мене беше многу интересен и голем предизвик да се впуштам во угостителските води. Работев како рецепционерка во хотелот за да добијам сенс за оваа индустрија. Инаку, целиот бизнис е семеен во кој сме вклучени јас и Михаил, сопругот на сестра ми, додека Ивана Скалиди е главна менаџерка на хотелот.

Ме интересира дали гостите кога доаѓаат тука се распрашуваат зошто хотелот се вика Театар?

Да, многу се распрашуваат. Тогаш ние им го покажуваме малиот театар, што за нив е големо изненадување. Многу често гости кои престојуваат во хотелот доаѓаат на претставите. Некогаш странци ги гледаат претставите на македонски јазик, иако ништо не разбираат. Фасцинантно им е тоа што долу, во поранешната визба се случува некаков културен живот.

Во овие помали средини многу е важно бизнисите и луѓето да соработуваат. Добивме грант од една европска организација и во камарите долу направивме отворена кујна. Планираме летово овде да организираме настани на кои ќе готвиме и ќе зборуваме за храната и културата од 19 век, за животот на Кемал Ататурк итн., бидејќи во Битола доаѓаат многу турски туристи за да ја посетат неговата куќа. Со тоа ќе го разработиме моделот на pop up амбиентален ресторан.

Со оглед на децениското искуство, како го оценувате движењето на побарувачката на угостителски услуги во изминатите десет години?

На почеток беше многу активно, но потоа дојде корона вирусот и едвај преживеавме. Дури лани малку живнавме, а ова лето очекуваме уште повеќе. Во последно време се јавува едне вид на нелојална конкуренција затоа што секој човек сега веќе издава апартмани или станови и печалбарите, кои во Битола ги има многу, си ги земаат тие станови. Од друга страна, пак, во последно време многу често доаѓаат редовни туристи, кои случајно застанале во Битола на пат кон Грција, па ја откриваат и Македонија. Битола има многу да им понуди на туристите, само не знаеме да им продадеме. Битола е веднаш до Пелистер, на еден час од најблиското езеро и на само два часа од најблиското море. Не се фалиме доволно, а кога ќе дојдат луѓе Битола ја доживуваат како скриено парче рај.

Има ли некои иницијативи од општината да се подигне нивото на угостителски услуги?

Да, има, но треба да бидат позабележителни. Во последно време има една брошура како водич низ Битола. Навистина многу турски туристи доаѓаат тука, но не ни преспиваат во Битола затоа што немаат друга интересна активност и директно заминуваат за Охрид. Многу е важна Битола и собата на Кемал Ататурк за турската популација, но не знаеме да ги задржиме и ни заминуваат. Ако добро се рекламираме имаме шанси да доаѓаат туристи токму во Битола, а не попатно. Некои од околните села почнуваат со екотуризам, и верувајте дека за сите има место за работа.

Во последните години многу се зборува за менталното здравје. Колку театарот и менталното здравје се поврзани? Колку во овој поглед може да се прават иницијативи за да им се помага на младите?

Има огромен потенцијал за тоа. Основата на режисерската професија е да се соработува со голем број на различни луѓе, а тоа значи да умееш да работиш со психологијата на луѓето. Освен тоа, ние актерите сме и суетни луѓе, па режисерот треба да има психолошка едукација. Мене многу ми помогна тоа што сум од семејство на психијатри и затоа отсекогаш ми биле многу блиски психологијата на животот и внатрешното здравје на луѓето. Многу е важно младите од најмали нозе да знаат каков физички, психички и емоционален живот имаат. Мојата сестра е активен психијатар и од неодамна ја отвори првата онлајн платформа за психотерапија во Македонија, Психомедика. Ми се чини дека депресијата и анксиозноста се дел од нашето живеење. Сега во „Интимен театар“ подготвуваме и една претстава во форма на лекција за душевната болница во Демир Хисар и за тоа колку е руинирана со порака дека се неопходни пристојни услови за пациентите во таквите установи. Оттука идејата ни е да зборуваме што повеќе за менталното здравје. Во принцип, и актерите учат многу психологија. Многу е важно да ја преценат и да ја разберат психолошката состојба на ликот што го играат.

Сподели!
- Advertisement -