Производите за месечниот циклус на жената направени од пластика се петтиот најголем загадувач на европските плажи. Тие загадуваат повеќе отколку пластичните чаши и сламки.
Бидејќи се повеќе жени бараат алтернатива за таквите хигиенски производи, еден германски стартап реши да креира биоразградливи тампони направени од морска трева. Стартапот Vyld е основан во 2021 година, а нивните тампони наречени Kelpon се направени од биополимер кој се екстрахира од морските алги.
Тој биополимер се процесира во влакна, кои потоа се обрботуваат на ист начин како традиционалните тампони. Квалитетот на тампоните го тестирале со уредот Syngina, кој ја тестира апсорпцијата на течност.
“Нашата крајна визија е Algaeverse, универзум од одржливи производи направени од морска трева“ велат од Vyld.
Најголем дел од тампоните на пазарот се направени од памук или вискоза, завиткани во пластика, додека морската трева е биоразградлива и истражувачите велат дека исто како растенијата, морската трева го пасорбира јаглерод диоксидот од воздухот за да произведе кислород.
Од Vyld додаваат дека околу 100 жени го тестирале нивниот производ и изјавиле дека немале потреба од пластична обвивка затоа што морската трева е лизгава по природа и го задржува тоа својство и откако ќе се претвори во влакна.
Околу 71% од жените за месечниот циклус на жената користат тампони како хигиенски производ, покажало истражувањето направено на германскиот пазар од страна на компанијата Forsa Institute.
(Euro News)
(фото: Freepik)