Финска со години важи за најсреќна земја во светот, но тоа важи за целото нејзино население, а во која земја живеат најсреќните млади луѓе е сосема друга приказна.
За 2024 година, авторите на World Happiness Report ги истражија разликите меѓу генерациите и за прв пат објавија извештај за земјите во кои младите се најсреќни.
Се покажа дека младите се многу посреќни во земјите од Централна и Источна Европа и во земјите од Јужна Америка. Литванија е земјата во која младите до 30 години се најсреќни во светот, младите Израелци се на второ, а младите од Србија се на трето место. На четврто место е Исланд, а на петто е Данска. Втората петоркаја сочинуваат: Луксембург, Финска, Романија, Холандија и Чешка.
На севкупното рангирање Литванија се најде на 19. место, но ги надмина нордиските земји како Финска, Исланд и Норвешка во однос на среќата на младите. Истовремено, интересно е што младите во Литванија се значително посреќни од постарите – во категоријата над 60 години земјата се најде на 44. место.
Во категоријата луѓе постари од 60 години, најсреќни се луѓето во Данска. Потоа следуваат Финска, Норвешка, Шведска, Исланд, а топ 10 ги заокружуваат: Нов Зеланд, Холандија, Канада, Австралија и САД.
Што се однесува на Америка, на севкупната листа најдобро рангирана е Костарика (11. место), Ел Салвадор е на 17. место. Интересно е и тоа што во топ десет главно има европски земји.
На генералната листа најсреќна земја во светот е Финска, па Данска, Исланд, Шведска, Израел. На шесто место е Холандија, на седмо Норвешка, на осмо Луксембург, на деветто е Швајцарија, а на десетто е Австралија,
На генералното рангирање Хрватска е на 63. место, Грција е на 64. место, БиХ е на 65. место, Бугарија е на 81., Албанија на 87. место. Македонија е на 84. место на севкупната листа, на листата со среќата на младите луѓе е на 67.место, а на листата со среќата на луѓето постари од 60 години е на 98. место.
(Bizlife)
(фото: Pxhere)