Денес, во Европската куќа во Тетово, беа доделени осум договори за грант за инвестирање во модерна земјоделска опрема. Финансиската поддршка е обезбедена од Европската Унија преку проектот „АгроСмарт – Развој на модерно и одржливо земјоделство“.
Избраните земјоделски задруги, сточарски фарми и претпријатија, со финансиската поддршка ќе обезбедат земјоделски дронови за скенирање и наводнување на насадите, напреден софтвер за анализа и обработка на податоците со што земјоделците можат да ги намалат трошоците за наводнување, ѓубрење и заштита од инсекти и болести.
Во Полошкиот регион, ќе се набави опремата која вклучува роботи специјализирани за чистење во сточарските фарми и автоматизирано хранење на телиња. Во Југоисточниот и Североисточниот регион ќе инвестира во автоматски системи за наводнување и ѓубрење како и во набавка на паметни уреди за мерење на индикаторите на почвата и временските услови адаптирани за специфичната култура која се произведува.
Со овие инвестиции се очекува оптимизација на процесот на земјоделското производство, заштеда на трошоци и одлучување базирано на прецизни информации. Вкупниот износ на предвидените инвестиции изнесува 277.372 евра од кои 75% односно 208.029 евра се обезбедени од Европската Унија, а останатите се финансирани од грантистите.
Штефен Худолин, шефот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, во обраќањето пред присутните на настанот ја истакна посветеноста на Европската Унија за развој на земјоделието преку поддршка на вакви развојни проекти. „Денес модернизацијата, следењето и примената на новите технологии е неопходност. Нема алтернатива за модернизацијата. Во иднина конкурентни ќе останат само оние кои што ќе се движат во насока на дигитализација, паметно земјоделие и окрупнување“, истакна Лазар Неданоски, директор на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП).
Добитниците на грантовите сметаат дека со поддршката ќе направат значаен чекор кон дигитализација, намалување на трошоците и справување со недостатокот на човечки ресурси во земјоделието.
Проектот АгроСмарт е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија – МРФП во партнерство со Хемера ДООЕЛ и ЦЕП Можности. Целни региони се Североисточниот, Југозападниот, Полошкиот плански регион и регионот на Преспа.
Во моментот е објавен и трет повик за финансирање инвестициски акции за модерно и одржливо земјоделие. Повеќе информации можат да се најдат на веб-страната на Македонската развојна фондација за претпријатијa (https://mrfp.mk/mk/vesti-i-