Јана Цветковска Лазаревска: Се повеќе жени наместо ботокс ја бираат Ignea, македонска еко козметика со докажани резултати!

- Advertisement -

Многу пријателства се раѓаат сосема случајно, непланирано, нефорсирано … Се раѓаат како спој на енергија која привлекува личности кои се на „иста бранова должина“. Така и јас ја запознав Јана Цветковска Лазаревска, преку порака на официјалниот Инстаграм профил на Игнеа Козметика. Дали вие ги произведувате производите или се увозни, прашав јас, на што добив одговор дека козметиката под овој бренд е македонска, згора на тоа еколошка, тестирана и сертифицирана од надлежни институции. Имавме неколку обиди за средба, која за среќа после повеќе одложувања се случи на денот на отворањето на првиот продажен салон на „Игнеа“ во Куманово за кој Јана вели дека повеќе е место за консултации, за тестирање, за запознавање со карактеристиките на овој уникатен македонски козметички бренд.

Средбата со Јана во Куманово ја искористивме да поразговараме и секако да дадеме поддршка на напорите и големиот ентузијазам кој оваа претприемачка ги вложува во еден од ретките домашни козметички брендови базиран на еколошки состојки. Нејзината животна и бизнис приказна е навистина инспиративна и уште еден од многуте докази дека животните соништа не треба да се сонуваат туку да се реализираат.

- Advertisement -

Разговараше – Верица Јорданова

Јана, раскажи ни нешто повеќе за тебе и за Игнеа?

- Advertisement -

Јас сум дипломиран фармацевт, специјалист по фитотерапија, во моментов на докторски студии по козметологија. Прикзната за Игнеа започна пред неколку години, поврзано со некои тешки моменти во животот кога го менуваме патот и се враќаме кон природата. Приказната започнува со моја болест која ме враќа назад кон природата најпрви со одгледување на еко храна. Пред девет години почнав и со производство на еко козметика за свои потреби, за лична употреба а по некое време го проширив и за продажба. Започнав со крем за лице, па продолжив со серум за лице, па путер за тело, крем за сончање. Всушност, производите под брендот „Игнеа“ го развивам поаѓајќи од своите потреби.

Игнеа е еко козметика затоа што освен што се грижиме да произведеме здрава козметика за нашите корисници едновремено се грижиме и за природата. Постои разлика во легислативата. Органската козметика мора да има најмалку 20% органски суровини, а кога е во прашање еко козметика границите се повисоки. Еден наш производ има 99,6% природни суровини, а нашиот крем за лице има дури 90% органски суровини.

- Advertisement -

Ignea cosmetics спаѓа во рамките на аромакозметика бидејќи ги користи бенефитите на етеричните масла за постигнување на соодветен ефект. Производите содржат екстракти од билки, ладно цедени нерафинирани масла и путери, цветни водички, етерични масла сите со Есо Cert сертификат или друг сертификат за т.н. “зелена хемија“. Нашите производи не содржат штетни хемиски материи парабени, EDTA, триклосан, вештачки бои и мириси, како и нафтени деривати вазелин и парафин. Козметиката е рачно изработена и е во групата на таканаречени home made производи.

Колку е лесно или тешко да се обезбедат домашни суровини за производство на целосно домашна козметичка линија?

За жал, речиси и да нема домашни суровини затоа што Министерството за здравство каде што ја регистрираме нашата козметика, бара сертификат за тие суровини. Затоа, многу малку користиме билки кои сами ги произведуваме, најголем дел се увозни суровини. Една од ретките домашни фирми од кои користиме суровина е „Мама Органа“ која произведува етерично масло од портокал добиено од биоотпад од портокал. Но, полето во овој сегмент е многу ограничен.

Трите основни принципи по кои јас се водам се фитотерапија, ароматерапија и скинимализам, односно минималистички пристап во нега на кожата. Пример, хијалуронската киселина која јас ја користам е од природен извор, потекнува од пченица, а користам салицилна киселина од врба. Не користам суровини кои се лабораториски произведени затоа што верувам дека суровините од природно потекло имаат сосема друга вибрација и даваат далеку подобри резултати од козметиката добиена целосно од лабораториски суровини.

Кој ги произведува Игнеа производите?

Сите производите ги произведувам сама, за да сум сигурна дека истите се онакви какви што треба да бидат, значи микробиолошки чисти, стабилни и да дадат ефект. Јас правам доста сложени емулзиски системи и затоа мора да сум сигурна во нивниот квалитет. Секако, имам тим кој се грижи за дизајнот, маркетингот и слично.

Кој гарантира за квалитетот за производите?

Имаме сертификати за пуштање во промет кои се добиваат од Министерството за здравство, односно од Институтот за јавно здравје каде редовно се контролираат по повеќе различни критериуми.

Што во моментов има во палетата на Игнеа козметика?

Она што најмногу го работиме и по што сме препознатливи е програмата за лице која е proage, односно делуваме на превентива од стареење на кожата. Леда кремот за лице и хијалуронскиот серум ни се најпознати производи. Во овој период многу баран производ ни е маслото за сончање Хонолулу кое базира на природни, нерафинирани органски масла и путери и на база на минерални филтри. Исто така имаме и антицелулитна програма која дава одлични резултати. Тоа се главните производи по кои сме препознатливи меѓу нашите клиенти.

Кој е планот за развој во поглед на понудата? Уште повеќе да ги позиционирате овие козметички линии или за внесувате нови?

Нов производ кој моментално го пробиваме на пазарот е путерот за стрии. Веќе е во продажба а паралелно со тоа правиме едукативни предавања со гинеколози и трансфузиолози за здрава бременост и здраво потомство. Најпрвин сакам овој препарат навистина да си го најде своето место на пазарот по што може да размислуваме за некоја нова палета производи за нега на коса.

Јана, како македонските потрошувачи ги прифаќаат козметичките производи од домашно производство?

Козметичката индустрија секојдневно не бомбардира со реклами и не учи дека не сме совршени, дека секојдневно треба нешто да коригираме. Она што јас сакам да го потенцирам е автентичната убавина на жената, убавината која доаѓа одвнатре. За козметиката Игнеа јас велам дека е себељубов затоа што сами бираме што ќе нанесеме на својата кожа. Наш е изборот дали кожата ќе ја негуваме со природни состојки или со комерцијални производи. Затоа велат дека тој избор е себељубов, што сакаш себеси да си поклониш?

Се повеќе се зголемува бројот на клиенти кои веруваат во природна козметика и драго ми е што оние кои ја пробале нашата косметика остануваат наши клиенти и понатаму ја раскажува приказната на други.

Досега продажбата се одвиваше доминантно преку е-канали. Зошто токму сега се решивте за малопродажен салон?

Да, нашите клиенти особено од големите градови преферираат онлајн продажба. Имаме и неколку продажни места во Скопје. За промоција на брендот лично многу ми помогнаа базарите кои се одржуваа во трговски центри во Скопје каде клиентите можеа директно да ги пробаат производите. Отворањето на овој салон се случи како резултат на потребата од ширење на производниот капацитет. Барајќи простор за производство го најдов овој простор во кој денес ги спојуваме и производството и продажбата. Осносно повеќе би рекла дека е изложбен простор, место за консултација со клиентите.

Јана, што најмногу прашуваат клиентите? За што најмногу се интересираат?

Дефинитивно клиентите најмногу се интересираат за антирид програмата, односно програмата за против брчки. Она што ми е особено драго е што бараат алтернатива наместо да се боцкаат. Во оваа насока започнавме еден заеднички проект со Нена Јоновска, единствен сертифициран учител за face-јога преку кој заеднички работиме со клиенти за одржување на младешкиот изглед на лицето. Она што ние сме го постигнале да им го понудима и на клиентите. Така, заеднички дојдовме до face-fit линијата која ја пуштивме специјално за таа намена и се состои од хијалуронски серум, крем и хидрантно масло за масажа. Ги едуцираме клиентите што треба да се аплицира за да се задржи младиот изглед на лицето, каков треба да ни биде животниот стил што е многу битно и во сето тоа да ги инкорпорираме вежбите. Она што го нарекуваме холистички пристап. Не постои ништо кое е поважно – исхрана, хидратација, позитивни мисли, добра козметика и face јога се подеднакво важни за да се задржи младешкиот изглед.

Го препознаваат и го практикуваат ли ваквиот пристап луѓето во Македонија?

Да, го препознаваат. На инсистирање на клиентите организираме и работилници и предавања за сите кои сакаат да научат како правилно да го вежбаат и негуваат своето лице.

Кои се лични цели и амбиции на Јана во поглед на иден развој на Игнеа?

Игнеа ја гледам на македонскиот пазар, да се задржам на она ниво да биде работилница а не фабрика. Кога нешто ќе излезе од една работилница направено со многу енергија и љубов е далеку подобро од масовното производство. Затоа сакам и да се задржам на пазарот како бренд кој има своја специфична клиентела.

Многу пати велам дека Игнеа е специфична филозофија на живеење. Освен козметиката имам и имот на кој се произведува храна на принцип на пермакултура. И затоа сакам да промениме промена на пристапот кон животот. Животот е едноставен, ние сме тие кои го комплицираме.

Сподели!
- Advertisement -