Научниците за прв пат открија пештера на Месечината. Длабока е околу 100 метри и би можела да претставува идеално место за изградба на постојана човечка база, пренесува ВВС.
Според научниците, таа е една од веројатно неколкуте стотици пештери скриени во подземниот, неоткриен свет. Земјите од целиот свет се тркаат која прва ќе воспостави постојано човечко присуство на Месечината, но ќе биде неопходно да се заштитат астронаутите од радијација, екстремните температури и условите во вселената.
Хелен Шарман, првата британска жена-астронаут во вселената, изјави за BBC News дека новооткриената пештера изгледа како добро место за база и сугерира дека луѓето потенцијално би можеле да живеат во лунарни пештери за 20 до 30 години отсега. Сепак, таа додава дека пештерата е толку длабока што астронаутите можеби ќе треба да се спуштат во неа и да користат џет-пак или лифт за да излезат.
Пештерата е пронајдена со помош на радар од Италијанците Лоренцо Бруцоне и Леонардо Карер од Универзитетот во Тренто, а се наоѓа на карпеста рамнина наречена Mare Tranquillitatis. Оваа локација е видлива со голо око од Земјата и била искористена за слетување на мисијата Apollo 11 во 1969 година.
Пештерата има „прозорец“ на површината на Месечината, што води до вертикални ѕидови, а има и наведнат под кој би можел да се протега подалеку под површината. Создадена е пред милиони или милијарди години, кога на површината на Месечината имало течна лава и направила тунел низ карпата.
Најблискиот еквивалент на Земјата би биле вулканските пештери во Ланзароте, Шпанија.
„Ова е навистина возбудливо. Кога ќе дојдете до овие откритија и ќе ги погледнете фотографиите, ќе сфатите дека сте првиот човек во историјата на човештвото што го видел ова. Животот на Земјата започнал во пештери, така што има смисла луѓето да живеат во нив и на месечината“ вели Карер.
Пештерата допрва треба да биде целосно истражена, а научниците се надеваат дека радарите кои продираат низ земјата, како и камерите и роботите би можеле да се користат за мапирање.
Научниците пред околу 50 години заклучија дека веројатно има пештери на Месечината, а во 2010 година камерата на мисијата Lunar Reconnaissance Orbiter сними јами за кои научниците мислеа дека можат да претставуваат влезови во пештерите. Сепак, не знаеја колку се длабоки, ниту дали ќе се урнат.
Сепак, Брузоне и Карер сега имаат одговор на тоа прашање, иако е потребна многу повеќе работа за да се разбере целосниот обем на пештерата.
„Имаме добри фотографии од површината. Можеме да го видиме местото на слетување на Аполо, но не знаеме ништо за тоа што се крие под површината. Има огромни можности за откривање“, изјави Франческо Сауро, координатор на тимот за планетарни пештери на Европската вселенска агенција.
Ова истражување би можело да помогне и во случајот со пештерите на Марс. Ова би можело да ја отвори вратата за пронаоѓање докази за живот на Марс, бидејќи доколку постоел, најверојатно би бил во пештери заштитени од елементите на површината на планетата.
Пештерите на Месечината би можеле да бидат корисни за луѓето, но научниците тврдат дека тие би можеле да помогнат во одговорот на основните прашања за историјата на Месечината, па дури и на Сончевиот систем.
Карпите во пештерата не се толку оштетени од вселенските услови, така што можат да обезбедат обемна геолошка евиденција која датира милијарди години наназад.
(Klix.ba)
(фото: Picryl)