Државниот врв активен на сите социјални мрежи

- Advertisement -

Државниот врв активен на сите канали, 21 од вкупно 24 членови на владиниот кабинет користат најмалку една социјална мрежа, а кај веб страните сеуште истите предизвици и очекувања од граѓаните

Новиот државен врв е присутен на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. Дополнително, и претседателката на Републиката, претседателот на Собранието, како и претседателот на Владата имаат и свои Тик Ток кориснички сметки, додека, пак, премиерот и претседателот на Собранието имаат и свои профили на мрежата за професионална комуникација и поврзување, Линкедин. Понатаму, 21 од вкупно 24 членови на новиот владин кабинет се активни на најмалку еден социјален медиум, додека истовремено активни на трите канали (Фејсбук, Твитер и Инстаграм) се премиерот и уште 10 министри во Владата. Тројца од министрите немаат присуство на ниедна од мрежите, а се забележуваат и кориснички сметки на социјалните мрежи кои сеуште не се отворени за целата јавност, покажа Анализата на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) направена по повод почетокот со работа на новоизбраните носители на извршната власт во земјава.

- Advertisement -

За потребите на Институтот анализата ја изработи Стефан Атанасовски Трајковиќ, студент и младински активист во ИДУЕП, а под менторство на комуникологот и претседател на Институтот, Бојан Кордалов.

Во однос на официјалното дигитално присуство на јавните институции, досега во континуитет се бележеше значително поголемо присуство и посветување на корисничките сметки на јавните функционери споредено со оние на јавните институции. Исклучок од ова се веб страните, како и официјалните кориснички сметки на Собранието и Владата, како и веб страната на претседателот на Републиката. Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер/ка.

- Advertisement -

Еден месец по изборот на новиот владин состав, речиси сите министерства имаат своја посебна веб страна, со исклучок на новоформираните кои или немаат сеуште креирано или користат некоја од постоечките веб страни. Во бројки во делот на социјалните мрежи, 18 од вкупно 20 министерства имаат свое дигитално присуство барем на еден социјален медиум, додека официјално Владата е активна со свое веб, како и присуство на сите анализирани социјални медиуми.

„Има многу простор за подобрување и унапредување на начинот на кој институциите и првите луѓе ги користат социјалните медиуми. Сведочиме и на нередовна активност, а некои и воопшто ги нема на овие канали за комуникација. Исто така, кога зборуваме за содржините кои треба да ги објавуваат, важно е да се фокусираат на спецификите на самите социјални мрежи. Пример, потребни се повеќе кратки видеа, содржини кои ги интересираат граѓаните како корисници на услуги, младите итн“. Исто така, кај дел од услугите кои се промовирани дека се достапни онлајн се забележува нецелосна таква можност за граѓаните. Тука, како позитивен пример кој би можел да се мултиплицира може да послужи Министерството за образование кое има посебен софтвер за е-услуга.“, вели Стефан Атанасовски Трајковиќ, младински активист во ИДУЕП, кој за потребите на Институтот ја подготви оваа анализа.

- Advertisement -

„После повеќе од 15 години од активното користење, важно е политичарите да сфатат дека социјалните медиуми не постојат и не се користат само за забава и себепромоција, туку тие се важен сегмент во општествено политичката двонасочна комуникација. Надминуваме над 90 проценти од нашите граѓани кои се секојдневно активни на интернет и над две третини кои се активни на социјалните мрежи, а бројот на јавни услуги кои можат да се направат онлајн или од мобилен телефон сеуште се бројат речиси на прсти. И ова пропуштено време е неопходно брзо и квалитетно да се надомести“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП Институтот, организација која е автор на Анализите за користењето на социјалните медиуми од страна на јавните институции и функционери од 2009 година.

Дел од препораките за подобрување во делот на употребата на дигиталните алатки и социјалните медиуми од страна на јавните институции и функционери:

  • Преглед и објава на сите услуги кои ги даваат јавните институции и креирање на јавен план и динамика во кои рамки истите, покрај на хартија и шалтер, ќе бидат достапни онлајн за брз и квалитетен пристап и користење од страна на сите граѓани, компании и организации. Во овој дел е важно да се води грижа за сите возрасни, како и ранливи групи кои имаат или може да имаат потешкотии со пристап до дигитални содржини или, пак, со дигиталната писменост за што е потребно да се предвиди дополнителна поддршка од страна на институциите. Исто така, ова подразбира висок степен на сајбер безбедност и систем за целосна заштита на личните податоци на секоја индивидуа и правен субјект;
  • Пресек на сите позитивни дигитални пракси кои даваат резултати и нивна мултипликација во други јавни институции. Ваквиот пристап на споделување и максимално правилно искористување на ресурсите ќе значи помали трошоци за јавниот буџет, побрза дигитална трансформација, отвореност на институциите кон оние кои ги финансираат, помали можности за корупција и поголема доверба на луѓето во институциите поради тоа што тие ќе нудат квалитетни и брзи јавни услуги достапни на различни начини, според преференците на оние кои ги користат услугите;
  • Унификација на пристапот и организираноста на сите веб страни на јавните институции каде фокус напред или на видливите места ќе се стави на 1) услугите што институцијата ги обезбедува за граѓаните, компаниите, организациите…; 2) можности за граѓаните, компаниите и организациите; 3) корисни информации, јавни тендери и повици, вработувања… како и домашни и меѓународни можности за целните групи на конкретната институција. По ова, во одреден намален облик може да следат медиумските и други промотивни активности на јавните функционери, а да бидат пласирани на помалку видливо место. Потсетување дека институциите од буџетот на граѓаните се финансирани со цел примарно да обезбедат услуги за луѓето, а не промоција за јавните функционери што е во континуитет досега децениска пракса;
  • Дополнително, изработка на мобилна апликација или мобилни апликации за услуги од јавните институции со цел секоја заинтересирана личност да може на уште поедноставен начин да дојде до посакуваната јавна услуга, како и да се зголеми дигиталната писменост имајќи ја во предвид масовноста на користење на интернетот и т.н. паметни телефони;
  • Стандардизација на организацијата на корисничките сметки на социјалните медиуми на секоја институција каде повторно напред ќе дојдат услугите, корисните информации и можностите за граѓаните. Во овој дел конечно да се стави организиран пристап и посебен силен сегмент кој ќе прикаже недвосмислена борба на институциите против говорот на омраза, дискриминацијата, навредите на кои било поединци и/или групи;
  • Евидентна е послабата присутност на институциите, па и на јавните функционери на Инстаграм, а особено на Твитер. Потсетуваме дека институциите платени од страна на граѓаните немаат избор дали и каде ќе бидат присутни, туку е неопходно да изградат применлива стратегија за професионална присутност на социјалните мрежи и другите актуелни дигитални платформи;
  • Разбирливо е дека во тек е процес на трансформација и реорганизација на Владата со новите министерства и нивните надлежности, за што е потребно буџетирање и ангажирање на кадровски ресурси, но апелираме да се забрза и финишира овој процес со фокус на препораките дадени погоре во овој документ, како целните групи кои ги застапуваат новоформираните ресори да добијат квалитетни и брзи јавни услуги по хартиен или електронски пат, како и да можат двонасочно да комуницираат со функционерите и институциите преку социјалните мрежи и другите дигитални платформи;
  • Следење на новитетите и трендовите на социјалните медиуми кои би овозможиле поширок досег на информациите до граѓаните. Секој тип на социјален медиум има свои карактеристики и видови на содржини кои се најинтересни за тамошната публика, па оттука важно е тоа постојано да се следи и применува од страна на професионалните тимови.
  • Напомена како и во секоја анализа дека дури и правилното користење на социјалните медиуми од страна на институциите и јавните функционери не го заменува професионалниот однос кој секој од нив е повеќе од неопходно да го гради со претставниците на традиционалните медиуми. Потсетуваме, дека социјалните медиуми не се медиуми кои креираат медиумска содржини, туку служат за нејзино пласирање. Оттука, содржините кои институциите и функционерите ги објавуваат онлајн може и служат како дополнителен извор и за традиционалните медиуми, а не замена за професионалната комуникација ниту основа за било какво избегнување на медиумски прашања.

Оваа година, на 12. издание на Меѓународната ПОИНТ конференција која се одржа во Сараево, БиХ, а во рамките на еден од панелите на кои се презентираа успешни примери на активности за дигитална транспарентност од регионот и светот беше презентиран и иновативниот модел на редовни Анализи кој го спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Сподели!
- Advertisement -