Македонските Microsoft и Adobe шампиони, со поддршка на реномирани домашни компании патуваат на светскиот натпревар во Анахејм, Калифорнија

- Advertisement -

Најдобрите меѓу најдобрите средношколци, победници на националните натпревари за Microsoft Office Specialist (MOS) и Adobe Certified Professional (ACP) ќе имаат уникатна можност да ја претставуваат Македонија на светските натпревари кои ќе се одржат од 28 до 31 јули во Анахејм, Калифорнија.

Сердар Цветков, Леонид Петковски, Илина Арсовска и Огнен Бабунски ќе се натпреваруваат во категоријата MOS во конкуренција од над 130 натпреварувачи од светот, додека во категоријата ACP, наш претставник е Лука Зотовиќ.

- Advertisement -

Осма година по ред, CertiAdria ги организира националните натпревари за средношколци за дигитална писменост, заедно со верните поддржувачи Град Скопје, Општина Куманово и Стопанска Банка АД Скопје кои ја покриваат организацијата на натпреварите, а во организација на најголемиот ИТ едукативен центар во регионот – Семос Едукација.

За потсетување, натпреварувачите имаа можност да ги покажат своето знаење и вештини на националниот Microsoft Office натпревар, каде што ги покажаа своите вештини за Microsoft Office апликациите (Microsoft Word, Excel® и PowerPoint) и националниот натпревар Adobe Certified Professional (ACP) кој ги тестира вештините на учесниците во Adobe Photoshop, Illustrator и InDesign.

- Advertisement -

Учесниците кои успешно ги положија испитите се стекнаа со глобално признаени Microsoft и Adobe сертификати. На прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која ги инспирираше и охрабри финалистите да продолжат да учат и да бидат успешни.

Оваа година, кон  мисијата на CertiAdria и Семос Едукација за создавање на дигитално писмена младина се приклучија и реномирани компании кои со својата финансиска поддршка го овозможија учеството на нашата земја на светските натпревари во САД.

- Advertisement -

Компаниите Раде Кончар, CaSys, WVP Fund Management, Payten, EOS Matrix, Хантерс, Олимпија Моторс и Европа Гуми ја препознаа огромната вредност на овие натпревари како за средношколците и нивната едукација и дигитална писменост, така и за средните училишта и за целото општество. Овие млади луѓе добиваат одлична основа за влез не само во IT туку и во било која индустрија и можност активно да придонесат кон подобро утре за сите.

Спонзорите ги покрија за патувањето на националните претставници и нивните ментори и овозможија учество на Македонија на светските натпревари и нејзино позиционирање на мапата држави со висока дигитална писменост на младите генерации. 

Овие мотивирани средношколци ќе имаат можност да се натпреваруваат со свои врсници од целиот свет и да освојат награди во вредност од 8.000 долари, медали, трофеј и глобално признаени сертификати.

Минатата година, нашата финалистка Ања Цветковска од СУГС Корчагин го освои четвртото место во конкуренција на 133 натпреварувачи на светско ниво!

Низ годините, посветеноста на CertiAdria и Семос Едукација во креирањето дигитално писмени средношколци, резултираше со високо позиционирање на Македонија на пиедесталот на светските првенства. Најдобриот резултат досега го постигна Ана Марија Атанасовска, која во 2019 го освои второто место во конкуренција од 152 учесници од 119 земји – историски резултат за Македонија.

На натпреварувачите им посакуваме многу среќа, висок пласман и сигурни сме дека ќе ја претстават Македонија во вистинско светло.

Сподели!
- Advertisement -