Венеција од денес има намера да го ограничи бројот на луѓе во туристичките групи на максимум 25, во рамките на најновиот обид да го намали влијанието на гужвите врз животот во „градот на вода“.
Локалните власти ќе забранат и преносливи звучници од туристичките водичи со цел да се обезбеди мир за жителите на градот и да се овозможи послободно движење на пешаците.
Надлежните ќе воведат и казни од 25 до 500 евра за сите кои нема да ги почитуваат новите мерки, кои првично беа планирани да стапат на сила на почетокот на јуни, а беа одложени за почетокот на август.
Најновите ограничувања ќе важат за центарот на Венеција и островите Мурано, Бурано и Торчело.
Во април годинава Венеција стана првиот град во светот кој воведе специјален систем за плаќање за влез во центарот на градот за посетителите, како дел од експериментот кој има за цел да ги одврати туристите да пристигнуваат во најпрометните времиња.
Пилот програмата, чија имплементација внимателно ја следат и другите европски туристички дестинации, траеше само 29 дена. Таа заврши во јули, но го отвори патот за период на консултации, по што ќе се одлучи како овој проект ќе продолжи во иднина.
Треба да се напомене дека има бројни исклучоци од правилото во случај на туристички групи. На пример, децата на возраст под две години не се бројат, а ограничувањата не важат за учениците и студентите кои пристигнуваат во Венеција на едукативна посета или на студиско патување.
(Bizlife)
(фото: Flickr)