И додека нивните телефони стануваат се поголеми, Apple одлучи да ги намали компјутерите во најмала можна мера. Така, најновата верзија на Mac mini компјутерот ќе биде најмалиот десктоп компјутер на Apple досега.
Новиот модел, кој треба да биде претставен до крајот на оваа година, треба да претрпи редизајн – и надворешно и внатрешно. Според информациите до кои дојде Bloomberg, новиот Mac mini ќе биде со големина на сет-топ уред на Apple TV, но и малку повисок од сегашниот модел. Тоа би значело дека новиот Mac mini ќе биде половина од големината на сегашниот „mini“.
Што се однесува на другите карактеристики, Mac mini треба има најмалку три USB-C порти на задната страна, слот за кабел за напојување и приклучок за HDMI. Според Bloomberg, новиот Mac mini, всушност, би можел да биде како iPad Pro во мала кутија.
Наводно, се работи на две верзии на уредот – едната со чип M4 и компоненти слични на iPad Pro, а другата со чипот M4 Pro, со повеќе меморија и подобра графика, кој допрва треба да биде претставен.
Се уште не е познато колкава ќе биде цената на овој нов уред. Досега Mac mini се продаваше по цена од 599 долари, но иако новата верзија доаѓа во помало пакување, тешко дека Apple дополнително би ја спуштил цената.
Но, тоа не е се. Покрај Mac mini, некои новости ќе добијат и други уреди од линијата Mac. Така, iMac десктопот и MacBook Pro треба да добијат чипови од линијата M4, додека новите MacBook Air уреди треба да го видат светлото на денот напролет. Кон средината на следната година треба да се појават нови модели на Mac Pro и Mac Studio уреди, кои се меѓу најмоќните Mac уреди.
Преселбата кон M4 чипсетот на Apple, исто така, ќе означи интересна пресвртница за Apple. Имено, ова ќе биде првпат истата генерација на чипови да биде достапна во сите Mac компјутери. Ова ќе им овозможи на корисниците и да ги користат функциите за вештачка интелигенција на Apple, кои поконкретно би требало да бидат претставени подоцна оваа година.
(Bloomberg)
(фото: Trusted Reviews)