Инвестиција во иднината: Словенија и Македонија со заедничка поддршка на младите

- Advertisement -

Студирањето во странство е можност да се внесе ново знаење и искуство во државата. Преку соработка меѓу Словенија и Северна Македонија може да се отворат нови перспективи за професионално интегрирање на младите дипломци и зајакнување на домашниот економскиот раст, а на образованието треба да се гледа како на инвестиција во иднината на младите, но и во иднината на целата земја.  Ова, меѓу другото,  беше оценето на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, која во организација на Амбасадата на Република Словенија во Северна Македонија, Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската студентска организација во Словенија (МСОС) се одржа денес во Скопје.

Пред присутните на конференција свое обраќање имаше Н.Е. г-дин Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија, кој зборувајќи за важноста на потпишувањето на Протоколот за соработка во областа на образованието, со којшто, меѓу другото, им се овозможи на македонските студенти без надомест за школарина да студираат на словенечките универзитети и обратно, истакна дека целта не е да се предизвика одлив на висококвалификуван кадар во Словенија.

- Advertisement -

„Можноста за бесплатно студирање во Словенија не е со цел да послужи како алатка за одлив на висококвалификуван кадар од земјата, односно феномен со кој се соочува регионот на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Студирањето во странство им дава на студентите, покрај различните студиски програми, можност да научат нов јазик и да стекнат нови знаења, што може да ги направи поконкурентни на пазарот на трудот. Вистината е дека на Словенија и на другите земји од ЕУ им е потребна висококвалификувана  и образована работна сила, поради што образовниот кадар е многу баран во Словенија, но и Северна Македонија има потреба од истиот кадар“, рече амбасадорот Прескер.

Истакнувајќи дека амбасадата на Словенија во Северна Македонија е свесна за овој проблем, амбасадорот Прескер посочи дека тоа е и причината да се допринесе согласно можностите за справување со овој предизвик, во чија насока е и денешната конференција.

- Advertisement -

„Сакаме да ги поврземе сите заинтересирани чинители во создавањето можности, механизми и услови, кои се неопходни за враќање во вашата земја, дури и на оние млади луѓе кои успешно ги завршиле студиите во странство, во овој случај во Словенија. Убедени сме дека поголемиот број од нив сакат да се вратат и со своето знаење и искуство да придонесат за натамошен севкупен развој на Северна Македонија“, рече амбасадорот Прескер, притоа порачувајќи дека целта е да се создаде синергија помеѓу сите главни чинители, за да можат да се запознаат, разменат искуства и потреби и во иднина да носат заеднички одлуки со цел да се намали одливот на млади студенти.

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески истакна дека приоритет на Влада е задржување на младите луѓе во Македонија, преку отворање на нови 70.000 работни места во наредните четири години за нив и 500 загарантирани работни места за најдобрите студенти од универзитетите во Македонија.

- Advertisement -

„Нови даночни олеснувања на фирмите и компаниите за вработување на млади, изработка на нови мерки кои ќе произлезат од Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд за отворање на нови бизниси и работни места, пред сè за младите луѓе кои живеат, работат и студираат во странство. Приоритетот ќе биде не само да ги задржиме младите умови овде во државата, туку и да вратиме голем дел од нив со загарантирана работа или со поддршка на нови старт-ап компании и преку бизнис ангелите да можат да се препознаат тие добри иницијативи младите луѓе да се вратат и отворат нов бизнис во Македонија“, рече заменик министерот Ристески.

Претседателот на Македонска студентска организација во Словенија (МСОС), Кристијан Поповски информираше дека оваа организација е посветена на поддршка на студентите од Северна Македонија кои студираат во Словенија, а чија основна цел е да обезбеди платформа на студентите за успешно интегрирање во новата средина преку различни настани, како што се социјални настани, спортски активности, запознавање со локални студенти и создавање соработки со универзитети, студентски собранија и релевантни министерства.

„Денес се фокусираме на пренесување на размислувањата и ставовите на младите иселеници за можностите за враќање и развој на  Северна Македонија. Имавме можност да спроведеме истражување кое опфати 50 млади од Северна Македонија кои студираат не само во Словенија, туку и во земји како Холандија, Норвешка, САД, и Обединетото Кралство. Нивните идеи и предлози се важни теми за денешната конференцијата, каде што ги разгледуваме можностите за подобрување на условите за враќање на младите професионалци во Северна Македонија,“ рече Поповски.

Со организацијата на оваа конференција Амбасадата на Република Словенија уште еднаш докажува дека останува голем пријател и поддржувач на Северна Македонија, на создавање на нови можности за задржување на младите, но и за нивно враќање во земјата.

Сподели!
- Advertisement -