Социјалната мрежа Х, порано позната како Twitter, вреди речиси 80% помалку отколку пред две години, кога ја купи Илон Маск, според проценките на инвестицискиот гигант Fidelity.
Акциите на X веќе не се јавно тргувани откако Маск плати 44 милијарди долари за да ги купи во октомври 2022 година. Fidelity, сепак, открива која е вистинската вредност на тие акции, а овие проценки служат како барометар за целокупното здравје на компанијата, пренесува CNN.
Тие акции на крајот на август вределе само 4,2 милиони долари, што е за 24% помалку во споредба со она што Fidelity го процени на крајот на јули. Тоа претставува неверојатен пад од 79% во однос на вредноста на акциите од 19,66 милиони долари од Fidelity во октомври 2022 година, кога Маск го купи Twitter.
Новата проценка на компанијата Fidelity имплицира дека социјалната мрежа X сега вреди само 9,4 милијарди долари, што е далеку од 44-те милијарди што ги плати Маск, иако другите инвеститори би можеле да ја вреднуваат поинаку.
Аналитичарите велат дека вреднувањето на Fidelity најверојатно го одразува падот на приходите од реклами во компанијата, која повеќе не ги објавува јавно кварталните финансиски извештаи.
Маск, очигледно, ја преплатил таа компанија, вели извршниот директор и висок аналитичар на капитал во Wedbush Securities, Ден Ајвс. Ајвс верува дека Twitter вредел околу 30 милијарди долари кога го купил Маск, а дека денес реално вреди приближно 15 милијарди.
Неодамнешното глобално истражување на Kantar покажа дека 26% од компаниите планираат да го намалат рекламирањето на Х во следната година, што е најголем пад од која било голема глобална рекламна платформа. Само 4% од огласувачите рекле дека мислат дека рекламите на мрежата Х обезбедуваат „безбедност на брендот“, односно гаранција дека нивните реклами нема да се појавуваат во близина на екстремни содржини, додека 39% од огласувачите мислат така за Google.
И покрај ова, Х сè уште е главен играч на социјалните мрежи. Компанијата објави дека во вториот квартал од годинава имала 570 милиони месечни активни корисници, што е за 6% повеќе во однос на истиот период од претходната година.
Сепак, истражувачката компанија Similarweb откри пад во ангажманот. Според нивните податоци, во август Х имал 73,5 милиони месечни активни корисници на iOS и Android заедно во САД, што е пад од речиси 11% на годишно ниво и 20% во однос на октомври 2022 година.
(N1)
(фото: X)