Чашка ракија и шолја кафе со сигурност се двете најголеми традиции во секојдневието на традиционалното македонско семејство. Уживањето во овие вкусови се развивало со децении наназад, а иновативноста и креативноста во воведувањето нови вкусови е обележје на македонскиот бренд “В`К“. Тој, освен со својата ракија, се издвојува и со уникатните вкусови на ликерот со кафе и ракијата со лаванда.
Јорде Јованов, сопственик на В`К крафт дестилеријата вели дека долгата семејна традиција ја продолжува со фокус на квалитетот, уникатноста и персонализираниот пристап кон своите производи. Тој смета дека неговата мала дестилерија е конкурентна на пазарот бидејќи е еднакво посветена како на традиционалните рецепти, така и на новите технологии и иновациите.
Новинар – Сања Наумовска
Јорде, за почеток раскажете ни ја приказната на В`К крафт дестилеријата?
“V’K Craft Distillery“ го започна своето патување во 2020 година, но зад нас стои долга семејна традиција во производство на ракија. Љубовта кон лозјето ја носам од детството, тука е коренот на приказната, продолжувајќи ја традицијата на дедо ми и татко ми. Порано само помагав затоа што морав, но потоа некако природно ми се наметна. Кога живеењето во Скопје ми стана напорно, бегајќи од гужвата и брзиот начин на живот спонтано и природно ми се случи В’К. Нашите лозови насади се на микролокалитетите Дрен и Прждево каде одгледуваме, Вранец, Кратошија, Смедеревка, кои се дел од Демиркапискиот регион и Тиквешкото виногорје – најживописниот регион во Македонија, идеален за одгледување на винова лоза. Богатството на овие природните ресурси ја даваат спецификата на нашата ракија.
Што се однесува до рецептурите, нашето производство на ракија се темели на традиционални методи, користиме традиционален метод на дестилација во аламбик казан, занаетско производство на вински дестилат, но истовремено, постојано го усовршуваме процесот со современи техники и иновации. Секој наш производ е микс од овие два аспекти – традиционалната дестилација и нашата страст за иновации. Традицијата ни дава основа и стабилност, додека иновацијата ни помага да ги истражуваме новите можности и да создадеме производи кои се уникатни, но истовремено ги почитуваат вредностите и вкусот на нашата култура. Ја спојуваме традицијата со иновацијата. Тоа е основата на нашата филозофија.
Името, но и логото упатуваат кон волкот, еден од најкарактеристичните крупни ѕверови за нашите краишта. Како дојде до изборот на ова име?
За името и логото волкот “лежи”кај мојата сопруга. Таа работи маркетинг повеќе од 20 години, со големо искуство во таа област, создавајќи проект стратегии, развој на концепти и идејни решија, медиа стратегии и сл. за многу други македонски и интернационални брендови, така да името, слоганот и дизајнот на етикетата се со нејзин потпис.
В’К е дијалектичкиот изговор на зборот волк во тиквешкиот регион, а самиот волк, неговата сила и интелект укажуваат на апетит за слобода и моќно живеење, водено од инстинктите. Мотото на В’К е луѓето да го живеат животот слободно, и е потсетник да го пронајдат начинот на живот кој нив најдобро ќе им одговара. Исто така, В’K “на прва” асоцира и се поврзува и со регионот во кој се произведува. Виногорјето е познато по своите плодни почви и идеални климатски услови, кое дава уникатни вински сорти, и е темел на нашата традиција и квалитет на нашите производи.
Нашиот слоган, ‘Free Your Instinct for Pure Pleasure’, е директно поврзан со она што сакаме да го пренесеме преку нашите производи. Слоганот ја одразува нашата филозофија за слободата, интуицијата и чистото уживање. Сметаме дека животот треба да се живее автентично и без ограничувања, а нашата ракија е создадена токму со таа цел – да ви овозможи да се ослободите и да уживате во чистото задоволство што го носи В’K ракија.
Колку типови на производи имате и кои се уникатните карактеристики на секој од нив?
Произведуваме бела ракија која е традиционален производ кој ја задржува чистотата и природниот вкус на овошјето. Изработена е со највисок квалитет на суровина и без вештачки додатоци, што ја прави полна со арома и со карактеристичен балансиран вкус. Потоа барик ракија, производ познат по своето старење во дрвени буриња, што му дава посебен вкус со карактеристични ароми на дрво. Старењето во барик буриња ја подобрува текстурата и создава уникатен баланс.
Ракијата со лаванда се подготвува од идеална комбинација на вранец вино и цветови лаванда која ја прави освежувачка и уникатна. Лавандата е позната по своите смирувачки својства, а додадена во ракијата дава елегантен цветен тон кој ги освежува сетилата. Овој производ е совршен за оние кои сакаат нешто поинакво и ароматично.
Еден од нашите специфични производи е и ликерот од кафе кој е комбинација на традиционално приготвување на ракија и богатите ароми на квалитено кафе. Идеален за оние кои уживаат во силниот вкус на кафе, но и сакаат да го комбинираат со ракија за уникатно искуство.
Од каде идејата да произведувате ликер од кафе и ракија со лаванда?
Идејата се роди од нашата љубов кон кафето и лавандата, со желба да создадеме нешто уникатно што ја спојува традицијата и иновацијата. Кафето носи енергија и задоволство. Кај нас е традиција да се пие кафе и да се конзумира ракија, така што изборот беше природен и лесен. Лавандата, пак, донесува мир и свежина, а нашата ракија која ја добиваме со дестилација на вино вранец и лаванда дава комбинирана арома за вистинските љубители на нови уникатни искуства како и самата ракија, која е можеби единствена во светот.
Вие сте мала семејна дестилерија. Колку овој тип на производители од една страна можат да опстојат на пазарот, а од друга и да придонесат за промоција на ракијата како традиционален пијалок?
Се фокусираме на квалитет, уникатност и персонализиран пристап кон нашите производи. Иако конкуренцијата е голема, мала дестилерија може да опстои на пазарот ако се фокусира на иновацијата и производство на квалитет, кој ќе се потпира на традицинално занаетчиско производство. На тој начин, ќе изградиме верни клиенти кои ја ценат автентичноста и приказната која стои зад секој производ. Дополнително, воведувањето нови вкусови и креативни концепти ќе помогне во изградба на препознатливост на брендот, задржувајќи ја конкурентноста на пазарот и создавајќи незаборавни искуства за вистинските љубители на ракија.
Кој е најголемиот предизвик за да се произведе добра ракија?
Најголемиот предизвик за производството на добра ракија е совршеното балансирање на квалитетот на суровината, контролираната ферментација и дестилација, како и време за стареење. Секој детал, од изборот на грозје до последната капка во чашата, мора да биде внимателно испланиран за да се создаде ракија со уникатен вкус и карактер.
Живееме во време на нови технологии, колку тие можат да се дел од една бизнис приказна во која главниот адут се традиционалните рецепти?
Технологиите играат голема улога во подобрување на производните процеси и квалитетот на производите, дури и кога се работи со традиционални рецепти. Во нашата приказна, тие ни помагаат во квалитетот на дестилацијата, следењето на секој чекор во производството и осигурување дека секој дел од процесот е оптимизиран. Така, ја зачувуваме традицијата, но и ја усовршуваме со иновации што ја подигнуваат вредноста и квалитетот на нашата ракија.
Какви се вашите планови за во иднина?
Имаме големи амбиции и ентузијазам за иднината. Нашите планови вклучуваат проширување на капацитетот, лансирање на нови, иновативни производи и модернизација на производствениот погон. Сѐ ова со цел да ја подигнеме нашата ракија на нови височини и да понудиме уште подобро искуство на нашите љубители.