Делегацијата на Европската Унија во земјава и Јуроп хаус, во партнерство со Обединетите Нации и Министерството за образование и наука (МОН), и во соработка со гејминг здружението Галактик Омнивор и Македонското здружение на млади правници, вчера ја пуштија во употреба онлајн играта „Навигатор“.
Станува збор за иновативна и образовна платформа која преку интерактивен и забавен пристап ги едуцира младите и јавноста за човековите права
Играта нуди уникатно искуство, во која авторот „Нави“ ги води играчите низ девет планети кои обработуваат теми од човековите права: здравство, животна средина, детски права, Европската конвенција за човековите права, дискриминација, трговија со луѓе, заштита на потрошувачите, азил и миграции, како и заштита на личните податоци.
Преку интерактивен квиз, играчите можат да ги покажат своите знаења, да се натпреваруваат и да освојат вредни награди.
Овој ден покажува дека човековите права се нешто што никогаш не треба да ги земаме здраво за готово, рече Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.
„Потребна е континуирана работа за нивно зачувување и унапредување. Затоа, сакам да им честитам на сите што се вклучени во овој иновативен начин на одбележување на Денот на човековите права, со игра која има за цел да допре до сите во општеството, особено до младите. Често, видеоигрите добиваат неправедна конотација, но овде целта е да се искористи оваа платформа за подигнување на свеста, и да се достигне до што поголем број млади луѓе”, изјави Рокас.
Заедно можеме да осигуриме дека човековите права ќе останат приоритет и заедничка одговорност за сите, рече Рита Колумбиа, постојан координатор на ОН.
„Оваа игра ви дава моќ да станете застапници и двигатели на промени, потсетувајќи нè на правата што му припаѓаат на секој човек, без оглед на раса, пол, националност или потекло. Од моите синови научив многу, и се исполнувам со надеж кога ја гледам новата генерација, како го прифаќа предизвикот за да биде гласот и силата за промените што му се потребни на нашето општество. Преку вакви иницијативи ги инспирираме младите да се вклучат активно во градењето на поправеден и поинклузивен свет“, изјави Колумбиа.
На денешниот настан што се одржа во „Public Room“ беа презентирани содржината и концептот на играта „Навигатор“. Играта е достапна на македонски и албански јазик, а може да се игра преку интернет-страницата на Јуроп Хаус – navigator.europehouse.mk од 10 до 24 декември.
Играчите кои ќе освојат најмалку 60 поени ќе се квалификуваат во извлекувањето за главната награда – ваучер за техничка опрема во вредност од 60.000 денари, како и серија дополнителни награди обезбедени од Делегацијата на Европската Унија, Обединетите Нации и амбасадите на земјите-членки на ЕУ.
Извлекувањето ќе се одржи на 25 декември 2024 година, во 12:00 часот, преку транспарентен и анонимен процес.
(Meta.mk)