Според новите гранични вредности на ЕУ, доволно добар воздух во Северна Македонија има помеѓу половина месец до четири месеци во годината.
Македонските граѓани најголемиот дел од годината дишат загаден воздух, што директно го загрозува нивното здравје. Во 2019, 2020, 2021 година, Северна Македонија е апсолутен и несоборлив европски рекордер по највисока средно-годишна концентрација на изложеност на PM2.5 честички (30.3 μg/m3). Над 50% од целото население дише токсичен воздух, што е особено загрижувачки. Секоја година високите вредности на аерозагадување се директна причина за илјадници предвремено изгубени животи. Дополнително, со серија болести се особено погодени децата. Ова се само дел од загрижувачките податоци коишто еколошките активисти ги споделија на надзорната расправа за аерозагадувањето што ја организираше собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, на почетокот на расправата, рече дека таа се одржува на барање на 20 пратеници, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции. На расправата не учествуваа претставници од владиното мнозинство.
Според укажувањата на О2 Иницијатива, по Лазарополе, воздухот е најдобар во просек во Миладиновци, потоа во Ѓорче Петров и Гази Баба во Скопје, по што следат Охрид и населбата Карпош во Скопје. Најлош воздух имаат Кичево, Струмица и Лисиче во Скопје, а по нив е Кавадарци.
„Во однос на заштитата на здравјето на човекот од концентрациите на PM честички, според препораките на СЗО, ако го исклучиме Лазарополе, добар воздух има најмногу еден и пол месец во годината, и тоа само во Кочани и Миладиновци, потоа по половина месец во Охрид и на периферијата на Битола. На другите мерни места, каде има податоци, се движи помеѓу само два и девет дена во годината“, истакна Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Според новите гранични вредности на ЕУ, кои ќе треба да ги имплементира земјата, доволно добар воздух во Северна Македонија има помеѓу половина месец до четири месеци во годината, зависно од мерното место.
Извор – Дојче Веле, редакција на македонски јазик
Фото- Wikimedia Commons