Речиси 60% од сите возрасни и 1/3 од сите деца во светот ќе бидат со прекумерна тежина или дебели до 2050 година, доколку владите не реагираат, се вели во големата нова студија објавена во медицинското списание Lancet во вторникот, пред Светскиот ден на дебелината на 5 март.
Авторите на студијата користеле податоци од 204 земји за да направат мрачна слика за она што е опишано како еден од најголемите здравствени предизвици на векот.
„Невидената глобална епидемија на прекумерна тежина и дебелина е длабока трагедија и монументален општествен неуспех, рече водечкиот автор“, Емануела Гакиду од американскиот Институт за здравствена метрика и евалуација (IHME).
Бројот на луѓе со прекумерна тежина или дебели луѓе ширум светот е зголемен од 929 милиони во 1990 година на 2,6 милијарди во 2021 година, покажа студијата. Без сериозни промени, истражувачите проценуваат дека 3,8 милијарди возрасни лица ќе бидат со прекумерна тежина или дебели за 15 години – тоа е околу 60% од возрасната популација во светот до 2050 година.
Светските здравствени системи ќе бидат под огромен притисок, предупредуваат истражувачите, при што се очекува дека дотогаш околу 1/4 од дебелите луѓе во светот ќе бидат над 65 години. Тие, исто така, предвидуваат зголемување на дебелината од 121% кај децата и адолесцентите ширум светот.
1/3 од сите дебели млади луѓе до 2050 година ќе живеат во два региони – Северна Африка и Блискиот Исток и Латинска Америка и Карибите, предупредуваат истражувачите. Но, не е доцна да се дејствува, вели коавторот на студијата, Џесика Кер, од Детскиот истражувачки институт Мардок во Австралија.
Потребна е многу посилна политичка посветеност за промена на исхраната во рамките на одржливите глобални системи за храна, рече таа. Таа посветеност е потребна и за стратегии кои ја подобруваат исхраната на луѓето, физичката активност и животната средина, без разлика дали се работи за премногу преработена храна или нема доволно паркови, вели Кер.
Повеќе од половина од возрасните со прекумерна тежина или дебели луѓе во светот веќе живеат во само осум земји: Кина, Индија, САД, Бразил, Русија, Мексико, Индонезија и Египет, се вели во студијата.
Научниците објаснуваат како секој може да придонесе за намалување на трошоците во здравствениот сектор на еден едноставен начин. Иако лошата исхрана и седентарниот начин на живот се очигледни двигатели на епидемијата на дебелина, останува сомнежот за основните причини, вели Торкилд Соренсен, истражувач од Универзитетот во Копенхаген, кој не бил вклучен во студијата.
На пример, социјално исклучените групи имаат конзистентна и необјаснета тенденција кон дебелина, рече тој во коментар за The Lancet.
Истражувањето се заснова на бројки од студијата за глобално оптоварување на болеста IHME, која обединува илјадници истражувачи ширум светот и е финансирана од Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.
(Zimo)
(фото: Pixabay)