Познатиот аналитичар и експерт за можностите на Apple, Марк Гурман, тврди дека Apple активно развива нов модел на слушалки кои ќе имаат интегрирани камери. За вакви слушалки со камери се шпекулира веќе некое време, а Гурман сега изнесе неколку идеи за тоа што би можел да донесе ваков нов гаџет.
Ваквите камери нема да бидат наменети за фотографирање или снимање видеа, туку нивниот фокус треба да биде на т.н. визуелна интелигенција. Тоа е алатка преку која корисниците можат да научат повеќе информации за нештата во нивната околина и врз основа на тие информации да преземаат одредени активности во физичкиот свет. На пример, aко видите флаер за некој настан, благодарение на визуелната интелигенција ќе можете да го додадете во вашиот календар.
Гурман го опиша тоа на интересен начин – дека тоа се такви опции што би ги очекувале од паметните очила, само без вистинските очила. Значи, ако сме љубопитни за нешто околу нас, нема потреба да го вадиме телефонот од џеб за да го отвориме Google, туку би можеле да го прашаме Siri за тоа, а гласовниот асистент би одговорил на тоа прашање врз основа на информациите што ги гледаат камерите во нивната околина.
Секако, одговорите би доаѓале од вештачката интелигенција, технологија во која Apple заостанува далеку зад конкуренцијата, како што можеме да видиме од примерот со нивниот гласовен асистент. Иако Apple најави дека Siri ќе добие напредни опции за вештачка интелигенција оваа пролет, на крајот на минатата недела компанијата објави дека им треба повеќе време за да ги развијат и не треба да ги очекуваме оваа година.
Освен за препознавање на нештата во околината, ваквите камери би можеле да се користат и за контрола на слушалките со движење на рацете. Така, со одредени движења на рацете, можете, на пример, да се префрлите на нова песна, да ја прекинете репродукцијата на музика и слично.
Минг Чи-Куо претходно спомена дека идните слушалки на Apple може да се користат за интегрирање со други уреди, особено со Vision Pro и слични идни гаџети. Таквите слушалки би можеле да го подобрат искуството на просторниот звук. На пример, ако корисникот ја сврти главата на едната страна, тогаш звукот од таа страна би можел да се засили или ќе изгледа како да доаѓа од таа насока.
Како што објасни Гурман, Apple е во фаза на активен развој на вакви слушалки, но не треба да се очекува тие да бидат пуштени во продажба во скоро време, а секако не пред 2027 година.
(9to5Mac)
(фото: Trusted Reviews)