Научници имаат нова интересна идеја како настанал животот на Земјата

- Advertisement -

Научниците со години се обидуваат да откријат како точно настанал животот на Земјата. Не само да одговориме на вечното прашање – од каде доаѓаме, но и подобро да се разбере што точно е потребно за да се создаде живот, бидејќи ова може да биде клучно во потрагата по живот на други планети.

Она за што научниците се согласуваат е дека животот настанал како резултат на хемиски реакции и совршени услови за појава на живот. Но, како реагирале едноставните гасови за да создадат органски молекули со јаглерод и азот, од кои дошле протеини и ензими, клучни за создавање на живот?

- Advertisement -

Ако ги погледнете гасовите за кои луѓето мислеа дека се присутни на раната Земја, тие не содржат јаглерод-азотни врски, вели научникот Ричард Заре од Универзитетот Стенфорд за New Scientist. Тоа се гасови како што се метан, вода, амонијак и азот. Научниците уште во 1952 година теоретизираа дека електричната енергија е она што ја претвора водата и таквите гасови во неопходните органски молекули. Сепак, тие веруваа дека оваа енергија доаѓа од молњи, што предизвика многу скептицизам во научната заедница.

Една нова студија, објавена во Science Advances, покажа дека е можно да се создадат органски молекули без потреба од надворешен извор на електрична енергија. Заре и неговите колеги дисперзирале капки вода во мешавина од метан, јаглерод диоксид, амонијак и азотен гас и создале органски молекули со врски јаглерод-азот. Тие покажаа дека капките во воден млаз произведуваат мали електрични полнежи.

- Advertisement -

Помалите капки се негативно наелектризирани, а поголемите се позитивно наелектризирани, објаснува Заре, додавајќи дека всушност станува збор за „ефект на Ленард“, во кој капките вода се судираат, како оние во водопад, и на тој начин создаваат електричен полнеж.

Она што тимот го откри во нивниот експеримент е дека кога спротивно наелектризираните капки ќе се приближат доволно блиску, меѓу нив се создаваат микроскопски блесоци на електрична енергија. Овие блесоци ги нарекоа „микромолњи“. Сличен ефект се јавува кога молњите се акумулираат и се испуштаат во облаците.

- Advertisement -

Како што наведуваат во трудот, блесоците од микромолњи носеле доволно енергија (околу 12 електрон волти) за да предизвикаат гасните молекули да изгубат еден електрон и да реагираат едни со други, генерирајќи органски молекули со јаглерод-азотни врски, вклучувајќи водород цијанид, аминокиселина глицин и урацил, една од компонентите на РНК.

Нивната работа покажа дека малите искри создадени од удари на бранови или водопади би биле доволни за да ги обезбедат хемикалиите потребни за почнување на животот на оваа планета. Ова значи дека научниците ќе мора да бараат живот на места кои дозволуваат ситни капки вода да се судрат, потврдувајќи уште еднаш дека водата е клучот за животот. Барем тој што го знаеме.

(Zimo)

(фото: Wallpaper Flare)

Сподели!
- Advertisement -