Студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) најавија дека почнувајќи од утре (понеделник) па сè до 21 март (петок) секој ден во 12 часот ќе организираат собири за да искажат сочувство за жртвите и поддршка за повредените во пожарот во Кочани.
Утрешниот собир ќе се одржи на платото пред општествениот кампус на УКИМ. Тие ги поканија сите заинтерсирани да се придружат на заедничкиот час и најавија дека ќе има простор каде ќе можат да се запалат свеќи, да се остави цвеќе и да се искаже тага во книга на жалост.
„Воедно, ве известуваме дека заедничката настава и собирите на студентите ќе продолжат сѐ до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ“, соопшти Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Ваквиот потег на студентите доаѓа по трагедијата со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 59 главно млади лица на возраст од 14 до 24 години.