Кинески лекари ја извршија првата трансплантација на свински црн дроб на човек, објавија научниците од Воениот медицински универзитет Ксиан во северозападна Кина. Искористениот црн дроб бил од минијатурна свиња, која била генетски модифицирана за да се намали ризикот од отфрлање на органите.
Откако бил вграден во телото на лице без когнитивни функции (пациент со мозочна смрт), црниот дроб успешно произведувал жолчка и одржувал стабилен проток на крв. Научниците потоа ја следеле способноста на црниот дроб да ги извршува своите основни функции, протокот на крв и неговиот имунолошки и воспалителен одговор во следните десет дена.
Истражувачите се надеваат дека органот може да се користи во иднина како потенцијален третман за пациенти со откажување на црниот дроб кои чекаат органи од човечки донатори.
“Црниот дроб што го земавме од генетски модифицираната свиња функционираше многу добро во човечкото тело. Тоа е големо достигнување. Оваа операција беше навистина успешна. Го следевме протокот на крв во различни вени и артерии. Сè функционираше многу добро”, вели професорот Лин Ванг, автор на студијата, чии резултати се објавени во списанието Nature.
Експериментот бил прекинат по десет дена на барање на членовите на семејството на пациентот.
(Zimo)