Трамп го отфрли предлогот на ЕУ за индустриските царини

- Advertisement -

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го отфрли предлогот на ЕУ за укинување на меѓусебните царини за индустриски стоки. На прашањето дали соодветниот предлог од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен е доволен за него, Трамп вчера (7.04) на новинарите им рече: „Не, не е“. Наместо тоа, американскиот претседател предложи земјите од ЕУ да увезуваат значително повеќе енергија од САД. Европските земји ќе мора да купат количество на енергија еднакво на тековниот трговски дефицит на САД со ЕУ. Овој дефицит „брзо ќе исчезне“ како резултат на соодветниот увоз на енергија, додаде Трамп.

Тој ја повтори и својата критика за она што, според него, се нефер трговски односи меѓу САД и земјите од ЕУ. „Европската унија се однесуваше со нас многу, многу лошо“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи: „Тие не ги купуваат нашите автомобили (…), тие не ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие практично ништо не купуваат од нас“.

- Advertisement -

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен вчера соопшти дека му понудила на американскиот претседател „нула за нула царини за индустриски стоки“ и додаде дека ЕУ „секогаш е подготвена за добар договор“.

ЕУ се надева дека со преговори ќе се најде решение за трговскиот спор со американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, Комисијата и земјите-членки подготвуваат и серија контрамерки за да одговорат на американските царини. Контрацарините треба постепено да стапуваат на сила од средината на април.

- Advertisement -

(Извор – Дојче Веле)

Фото – Wikimedia.commons

Сподели!
- Advertisement -