Вториот „Маалски бувљак“ во организација на сестрите Ивана и Анастасија Павловски и „Јуроп хаус – Скопје“ ќе се случи на 26 април (сабота) со почеток во 12 часот во дворот на „Комбо“ – здружение за креативна одржливост во населбата Железара.
„Имаш работи што постојано ги преместуваш, но никогаш не ги користиш? Облека која ‘моли’ да ја носиш, но е заборавена и едноставно зафаќа простор? Распар чаши кои не виделе пијалок со години? Стари ЦД-а со музика која не е по твој вкус? Столче кое се крие во шпаизот? Време е да расчистиш! Изнајми место на 26 Април и дади нов дом на твоите стари предмети“, велат од „Комбо“.
Правила на учество:
– Елементите кои ќе бидат изложени треба да бидат чисти (облеката испрана, елементите пребришани)
– Учесниците да пристигнат најдоцна до 11:00, за да успеат да се наместат пред да почне настанот (12:00)
– 300 ден за партиципација (место + пијалок)
„Од винтиџ предмети, рачно изработен накит до книги, облека, уметнички дела и многу повеќе – секое ќоше во ‘Комбо’ нè поканува да ги преиспитаме нашите навики: Дали можеме да обновиме и повторно да користиме наместо да замениме?“, истакнуваат од „Јуроп хаус“.
Како што додаваат оттаму, „Комбо“ како простор за креативна одржливост докажа дека еко-размислувањето и културната врска можат да одат рака под рака – и тие не застануваат тука.
„Првиот ‘Маалски бувљак’ беше полн погодок. Не можевме да бидеме поблагодарни за сета добра енергија, пријателски расположени лица и креативни откритија што го исполнија дворот на ‘Комбо’“, велат од „Јуроп хаус“, поканувајќи ги сите на вториот „Маалски бувљак“.