Кувајт го забрани рударењето криптовалути

- Advertisement -

Кувајт официјално го забрани ископувањето криптовалути, прогласувајќи го за нелегално и нерегулирано. Оваа одлука е во склоп на сеопфатниот потег за олеснување на притисокот врз неговата веќе преоптоварена електрична мрежа и ја донесоа бидејќи земјата забележува зголемени прекини на електрична енергија поради екстремните температури и рекордната побарувачка за опрема за ладење, додека соседниот Дубаи продолжува да ја зајакнува крипто индустријата.

Министерството за внатрешни работи на Кувајт започна голема безбедносна операција насочена кон приватни домови за кои постои сомневање дека криеле рударски уреди. Властите тврдат дека оваа практика претставува незаконска злоупотреба на електрична енергија, што може да доведе до прекини во снабдувањето и да ја загрози јавната безбедност. Фокусот на акцијата беше на јужниот регион Ал-Вафрах, каде што беа откриени околу 100 куќи кои користат до 20 пати повеќе електрична енергија од просечното домаќинство. По рациите, потрошувачката на електрична енергија во областа се намалила за 55%.

- Advertisement -

Иако тргувањето со криптовалути е забрането во Кувајт од 2023 година, рударството досега беше во легална сива зона. Сега МВР јасно стави до знаење дека рударството е „незаконско и без дозвола“, најавувајќи правни последици за сите прекршители. Властите идентификуваа повеќе од 1.000 локации сомнителни за невообичаена потрошувачка на електрична енергија.

Електричната енергија во Кувајт е меѓу најевтините во светот благодарение на силните владини субвенции, што ја направи земјата привлечна за крипто-рударите кои сакаат да го максимизираат профитот. Брзиот демографски раст, урбаната експанзија, затоплувањето на климата и запоставената инфраструктура дополнително ја влошуваат состојбата на мрежата, а рударењето криптовалути според надлежните, е последната капка.

- Advertisement -

Премиерот, Шеик Фахад Ал Јусеф и министерот за електрична енергија, д-р Субаих Ал-Мухаизем, лично ја надгледуваат оваа кампања. Повеќе од 60 лица се веќе под истрага, а Министерството за електрична енергија започна со исклучување на електричната енергија во објектите поврзани со рударството, со услов приклучокот да биде обновен само по официјално одобрение од МВР.

Иако рударството на криптовалути често се перципира како главен виновник за енергетските проблеми, експертите предупредуваат дека тоа не е единствената причина. Истражувачи од Универзитетот Кембриџ проценуваат дека во 2022 година Кувајт учествувал со само 0,05% во глобалната мрежа за ископување биткоин. Но, многу мал дел од глобалното рударство е доволен за значително да ја оптовари релативно малата потрошувачка на електрична енергија на Кувајт.

- Advertisement -

(Bajtbox)

(фото: Quote Inspector)

Сподели!
- Advertisement -