Најнова јужнокорејска студија покажа дека прекумерното работно време и прекувремената работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација на физичкo и емоционалнo напрегање. Истражувањето на двајца научници од универзитетите Чунг-Анг и Јонсеи опфатило 110 здравствени работници, поделени во две групи. Во едната група имало луѓе кои работеле најмалку 52 часа неделно, додека во другата група имало вработени кои работеле стандардно работно време, наведува CNN.
Луѓето кои работеле прекувремено доживеале значителни промени во мозочните региони кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што е последица на нивното преоптоварување и замор, заклучија истражувачите.
Коавторот на студијата, професорот Јун Јул Чои, вели дека овие промени може барем делумно да се поправат ако се отстранат факторите на стрес. Сепак, тој додава дека е потребно многу повеќе време за мозокот да се врати во првобитната состојба.
Претходна студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа има негативни здравствени последици.Френк Пега, кој го предводел истражувањето, истакнува дека најновите резултати претставуваат значајни нови докази кои би можеле да помогнат подобро да се разбере како драстично прекувремената работа влијае на физичкото здравје на вработените.
„Владите, работодавачите и самите вработени заедно можат да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците“, рече Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнауваат дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.
„Тоа е мала студија, но бидејќи се заснова на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да важи за сите, па нејзините централни заклучоци се многу релевантни“, велат научниците.
(CNN)
(фото: Pexels)